Главниот град на Македонија денеска одбележува 82 години од ослободувањето во Втората светска војна. На 13 ноември 1944 година, по жестоки борби против фашистичките сили, Скопје било ослободено од единиците на македонската народноослободителна војска.
По повод празникот, предвидена е програма со положување цвеќе на повеќе спомен-обележја. Во 11 часот се закажани активности на Партизанските гробишта во Бутел и оддавање почит на генералот Михајло Апостолски. Во 12:30 часот е најавено положување цвеќе и пред споменикот на ослободителите на Скопје, пред владината зграда.
Централниот свечен настан ќе се одржи вечерва во Македонската опера и балет, каде што ќе бидат доделени наградите „13 Ноември“. Со нив традиционално се оддава признание за придонесот во развојот и афирмацијата на градот.


