Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, д-р Дарко Костадиновски, со воведно обраќање ја отвори Четвртата годишна конференција на Форумот на балканските уставни судови, која се одржува во Охрид од 12 до 14 ноември 2026 година, на тема „Современи предизвици за владеење на правото: Улогата на уставните судови“.
Во обраќањето, претседателот Костадиновски ги сподели своите согледувања за тоа како уставните судови можат да одговорат на демократската ерозија и на притисоците врз нивната независност. Тој нагласи дека институционалните гаранции за независност добиваат вистинска содржина кога судијата има знаење, интегритет и храброст да одлучува според сопственото правно убедување.
Како втор столб на уставното судство ја издвои довербата на граѓаните, која се гради преку отвореност и аргументирани, разбирливи одлуки. Во тој контекст се осврна на практиката на Судот да ја информира јавноста за најзначајните одлуки по секоја седница и на можноста граѓаните да ги следат седниците во живо.
„Целта не беше да ги направиме одлуките популарни. Целта беше тие да станат поразбирливи“, истакна претседателот Костадиновски.
Во освртот на вештачката интелигенција, тој посочи дека технолошкиот развој отвора можности за поефикасна заштита на Уставот и на човековите права. Истовремено, го постави прашањето дали вештачката интелигенција може да ги замени совеста, етиката, моралниот интегритет и независното правно убедување на судијата.
Во продолжение го објавуваме целосното обраќање на претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски
Почитувани колеги, дами и господа,
Во името на Уставниот суд на Република Северна Македонија и во мое лично име, ви посакувам срдечно добредојде во Охрид, на Четвртата годишна конференција во рамките на Форумот на Балканските уставни судови.
Во Македонија нема посоодветно место за ваков собир на кој ќе споделуваме знаења и искуства, ќе учиме едни од други. Охрид е град во кој се вкрсутвале цивилизациите, Охрид е град во кој со векови знаењето се пренесувало од генерација на генерација, и токму во Охрид денес ќе разговараме за предизвиците на правната држава и владеењето на правото, но ќе разговараме и за бенефитите и ризиците кои ни ги носи вештачката интелегенција и технологиите што знаењето го пренесуваат за миг.
Почитувани гости,
Не знам која е поправилна квалификација – предизвици или пак криза на правната држава и владеењето на правото? Но она што го знам е дека без разлика која од нив да ја употребиме, резултатот е безмалку ист – тоа значи предизвик или пак криза на демократијата! Современите демократии поставуваат нови и многу покомплексни предизвици. Сведоци сме на ослабена улога на парламентите, сѐ посилни извршни власти, појава на демократски ерозии и авторитарни тенденции, кои иако формално се одвиваат во рамките на демократските институции, суштински ги поткопуваат демократските вредности. Истовремено, уставните судови се соочуваат и со еден сосема поинаков предизвик – да ја бранат својата независност и да се бранат од обвинувањата за прекумерен судски активизам. Овие предизвици се дополнително изразени во државите во транзиција, каде што демократските институции сѐ уште се консолидираат, политичката култура е недоволно развиена, а политичките влијанија врз институциите претставуваат секојдневен предизвик.
Во такви околности улогата на уставното судство добива дополнително на својата важност и одговорност, и клучното прашање е како уставното судство да одговори на овие предизвици. Ми треба многу време да кажам се што мислам, но го немам, и оттука јас ќе се задржам на она што мислам дека е најсуштествено, најфундаментално.
Почитувани,
Прво, и најважно е да ја браниме независноста на судството, бидејќи таа е суштинска гаранција за владеењето на правото. Во уставното судство таа има посебна тежина, бидејќи Судот одлучува за границите на државната власт и за заштитата на темелните уставни вредности.
Второ, подеднакво важно е зголемувањето на довербата во уставното судство. Тоа станува една од најважните задачи на секој уставен суд! Довербата е најважниот капитал за секој уставен суд. За разлика од политичките институции, уставните судови не располагаат ниту со политичка моќ, ниту со механизми на принуда. Нивниот авторитет произлегува исклучиво од квалитетот на нивните одлуки и од довербата што ја уживаат кај граѓаните.
Во однос на независноста, нема да ги користам старите и добро познати флоскули, во смисла, знаеме кој се начините и можностите со кои политиката кога сака влијае на уставните судови, дали е со избор на подобни судии, неизбор и некомплтирање на составите на Судовите, измени на институционалната, нормативната рамка во која се состои статусната независност, јавни прозивки, разни начини на влијанија, итн. Она на што јас сакам да се задржам покрај институционалните гаранции кои се нужни, се личните својства кај оние што ја остваруваат судиската функција. Формално обезбедената независност и самостојност добива вистинска содржина кога судијата има знаење, интегритет и храброст да одлучува според сопственото правно убедување, ослободен од политички влијанија, лични преференци и интереси, или очекувања за јавна наклонетост. Токму тука се среќаваат институционалната положба на Судот и личната одговорност на уставниот судија.
Јас, по кој знае кој пат, ќе го цитирам мојот драг и голем пријател Кадир Озкаја, претседател на Уставниот суд на Република Туркије: „Вагата на правдата се наоѓа во рацете на судиите. Тоа е најчувствителната вага на светот и за нејзино правилно држење не е доволно само познавањето на правото, туку се потребни совест, морален интегритет, чесност и скромност“.
Во овие негови зборови е содржана една длабока вистина. Правното знаење мора да биде придружено со будна совест и морална цврстина. Од судијата се очекуваат почитување на правото, чесност, скромност и смиреност.
Надменоста и избувливоста ја нарушуваат способноста за правично одмерување. Искреноста и личниот интегритет треба да го направат пример за другите. Совеста, како внатрешна способност да се разликува исправното од погрешното, во ова гледиште е насочена кон вистината и не го оправдува неправилното постапување. Таа е поврзана со независноста и непристрасноста. Разумот, стручноста, етичноста и совеста заедно ја создаваат способноста за правично судење.
Затоа, сметам дека само судии со вакви карактеристики, можат да одговорат на современите предизвици на владеењето на правото.
Вториот столб е довербата, а таа е комплексно прашање кое не зависи само од Уставните судови, туку од многу други фактори и актери. Сепак независноста и довербата се фундаментално поврзани и условени. Довербата е невозможна без транспарентноста и отвореноста, без силни и аргументирани образложенија на одлуките.
Во однос на транспарентноста, нашиот Суд веќе имаше воспоставени стандарди. Но, во однос на отвореноста сметав дека може да се направи значителен исчекор. Затоа, уште во првите два месеци од мојот мандат донесов одлука по секоја седница, лично јас и/или судијата – известител, да ја информираме јавноста за најзначајните одлуки на Судот. Понатаму, јас и уште неколку судии сме често присутни во медиумите. Не со цел судиите да станат celebrities, туку како одговор на реакциите, критиките и манипулациите што неизбежно ги предизвикува еден поодлучен и бескомпромисен Уставен суд. Целта не беше да ги направиме одлуките популарни. Целта беше тие да станат поразбирливи. Да им објасниме на нашите граѓани што конкретната одлука значи за нивните права и слободи, но, истовремено и граѓаните и државните органи да разберат дека Судот одлучува исклучиво врз основа на правни аргументи, а не под влијание на политички, етнички, верски или какви било други преференции. И конечно, охрабрени од резултатите направивме уште еден чекор кој е вистинска реткост во уставното судство глобално. Седниците на Уставниот суд граѓаните можат да ги следат во живо преку нашата веб страна.
Почитувани колеги, драги гости
Речиси и да нема меѓународна конференција за современите предизвици на уставното судство на која не се разговара и за вештачката интелигенција. И тоа не е случајно. Технолошкиот развој го менува пристапот до знаењето, начинот на работа на институциите и очекувањата на граѓаните. Пред уставните судови се отвора прашањето како тие можности да се употребат за поефикасна заштита на Уставот и на човековите права.
Но исто така пред Уставните судови се отвора и прашањето дали вештачката интелигенција може да ги замени својствата кои треба да ги поседуваат уставните судии? Може ли вештачката интелегенција да ги замени, или да ја преземе улогата на особини својствени за човечки суштества, совеста, етиката, разумот, моралниот интегритет и независното правно убедување? Веројатно денес ќе можеме да слушнеме повеќе за ова дилема.
Драги гости,
Форумот на Балканските уставни судови ја потврдува вредноста на непосредниот дијалог. Нашите уставни системи имаат свои особености, но прашањата со кои се соочуваме често ги надминуваат националните граници. Заштитата на независноста, авторитетот на уставносудските одлуки и довербата на граѓаните се заедничка грижа. Регионалната соработка ни овозможува сопственото искуство да го преиспитаме низ искуството на другите и навреме да ги препознаеме предизвиците што се присутни и оние кои доаѓаат.
Ви посакувам плодна работа и пријатен престој во Охрид.
Ви благодарам на вниманието.
фото Уставен Суд


