Безбедноста на посетителите е основниот услов за повторно отворање на жичарата на Водно, порача градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Тој и директорот на ЈСП „Скопје“ извршија увид во реконструкцијата, која, според најавите, се одвива со засилен интензитет.
Жичарата беше затворена на 25 април годинава, првично со најава за прекин од два дена. По проверките што ги направил стручниот тим од австрискиот производител „Допелмаер“, биле утврдени сериозни недостатоци. Поради тоа, градските власти одлучиле таа да не биде вратена во сообраќај.
Ѓорѓиевски тврди дека состојбата произлегува од долгогодишно нередовно одржување и неизвршување на неопходните големи сервиси од претходните раководства. Според неговата оценка, потребниот обемен и темелен зафат бил занемаруван речиси една деценија.
Сега екипи на „Допелмаер“ работат на санација и замена на потребните делови. Сите кабини се спуштени и темелно се реконструираат. Моторот е на репарирање во странство и се очекува да биде вратен, по што ќе следува негово монтирање.
Работите се поврзани со договорот што ЈСП и скопската подружница на производителот го склучиле во септември, по постапка за преговарање. За резервни делови, материјали и нивно монтирање е предвидена вредност од околу 860.000 евра.
Реконструкцијата се очекува да заврши до средината на декември, но од ЈСП нагласуваат дека рокот зависи од динамиката на техничките активности. Повторното пуштање во употреба ќе следува по неопходните проверки и тестирања, а точниот датум ќе биде дополнително објавен.
Со обновата се подготвува враќањето на едно од омилените скопски доживувања — возењето од Средно Водно до Милениумскиот крст. Ѓорѓиевски нагласува дека целта е посетителите повторно да уживаат во природата и погледот кон Скопје, со сигурна работа на жичницата.


