Шефот на Кабинетот на Министерството за односи меѓу заедниците, Шпенд Муратти, денеска, на 12 ноември, ја отвори дводневната дискусија посветена на изработката на новата Национална стратегија за интеркултурализам и општествена кохезија за периодот 2027–2032 година. На седницата учествуваат претставници на Собранието, извршната власт, министерствата и различни државни агенции, како и експерти од соодветните области.
Седницата е дел од поширок и инклузивен процес, кој се спроведува со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Канцеларијата на Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства.
Во текот на дискусиите, учесниците ја разгледаа динамиката на процесот, ги анализираа наодите и извлечените поуки од претходните консултации, како и резултатите од споредбите со претходните стратегии и други стратешки документи од земјата и меѓународната практика.
Во фокусот на дискусиите беа идентификувањето на недостатоците и актуелните предизвици, утврдувањето мерки за надминување на предрасудите, поделбите и говорот на омраза, како и предлагањето конкретни решенија и остварливи цели.
Целта е создавање услови за повисоко ниво на соработка меѓу заедниците, еднаков пристап, правична застапеност и зајакнување на општествената кохезија.
фото МОЗ


