Европската Унија ѝ одобри на Црна Гора преодни рокови за усогласување на дел од прехранбената индустрија со европските стандарди за хигиена и безбедност на храната. Според документите од преговорите за Поглавјето 12, определени производствени капацитети ќе имаат можност да ги исполнат барањата до крајот на 2030 година.
Преодниот период се однесува на дел од производителите и преработувачите на месо, млеко, риба и јајца. Меѓутоа, производите од објектите што не ги исполнуваат европските стандарди нема да можат да се продаваат на пазарите на другите членки на ЕУ, туку само на дозволените домашни или трети пазари.
Брисел бара дополнителни инвестиции во производствените капацитети, лабораториите и граничните контролни пунктови. Исклучоците се временски ограничени и не значат трајно ослободување од европските правила.


