Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, на денешната надзорна расправа за Алта банка во Собранието побара конкретни одговори од Агенцијата за супервизија на осигурувањето за потеклото на парите со кои Давор Мацура го купил осигурителното друштво, сегашно Алта осигурување Скопје. Таа праша од која сметка била извршена уплатата и какви проверки направила Агенцијата пред да даде согласност за преземањето.
„Од каде потекнуваат парите за купување на осигурителното друштво? Особено тука сакам да бидете попрецизни во одговорот, бидејќи во јавноста веќе има информации дека станува збор дека тоа плаќање е од приватна сметка, односно сметка на физичко лице. Значи, од каде потекнуваат парите за купување на осигурителното друштво и од која сметка тие се префрлени“, праша Николова.
Таа посочи дека, според јавно достапните информации што ги наведе, осигурителното друштво било купено за околу 1,7 милиони евра, со преземање на сите 60.000 акции.
Николова нагласи дека јавноста досега не добила објаснување од Агенцијата за начинот на кој била спроведена продажбата и за проверките што ѝ претходеле на согласноста.
„Стекнувањето сопственост во осигурителното друштво не може да биде само формално административна постапка. Таа е многу повеќе од една таква формална постапка, особено кога станува збор за финансиски субјект кој располага со средствата од премии на илјадници граѓани и на компании. Агенцијата мора да има јасна слика за финансиската состојба на инвеститорот, потеклото на неговиот капитал, неговата деловна репутација и поврзаноста со други правни и финансиски субјекти“, истакна Николова.
Обраќајќи ѝ се на претставничката на Агенцијата, Дракуловска, пратеничката побара да бидат презентирани конкретните наоди врз кои била донесена одлуката за преземање на осигурителното друштво.
„Обврска на Агенцијата е да ги препознае ризиците, навреме да ја заштити довербата на осигурениците. Дали Агенцијата го проверила потеклото на средствата, финансиската состојба на купувачот и неговата поврзаност со останатите финансиски субјекти и врз основа на кои конкретни наоди е дадена согласност за преземање на ова друштво?“, праша Николова.
Таа нагласи дека случајот има јавен интерес, бидејќи се однесува на сигурноста на граѓаните и компаниите кои имаат осигурителни полиси, како и на вработените во друштвото.
„Ова не е прашање само на сопственичката трансакција или на деловен интерес на еден инвеститор. Ова е прашање коешто има јавен интерес и на довербата во институциите кои треба да го штитат финансискиот систем и да ги штитат граѓаните“, порача Николова.
На крајот, таа побара прецизни одговори за потеклото на капиталот, извршените проверки и основата за дадената согласност.
„Не барам општи уверувања дека осигурителниот сектор е стабилен затоа што денес цел ден слушаме такви општи уверувања. Барам конкретни одговори на прашањата што ви ги поставив“, нагласи пратеничката на СДСМ.


