Centar.mk
ЛОКАЛНО

Лукровски во Охрид ја подигна наградата „Младински пријателски град“

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, присуствуваше на свеченоста за доделување на наградите во рамки на Националниот форум за младинска работа, која се одржа денеска во просториите на Младинскиот центар во Охрид. По покана на организаторите, Лукровски ја подигна наградата „Младински пријателски град“, со која се препознава заложбата на Општина Карпош за унапредување на младинските политики, создавање подобри услови за младите и нивно активно вклучување во процесите на локално одлучување.

Воедно, градоначалникот учествуваше и на панел-дискусијата на тема „Од закон до локална реалност – Институционална и финансиска поддршка за младинските центри и младинската работа“, на која се отворија прашања поврзани со предизвиците и можностите за спроведување на законските обврски во областа на младинската работа. Во рамки на дискусијата, Лукровски ги презентираше искуствата на Општина Карпош во поддршката на младите, посочувајќи ја важноста од обезбедување достапни простори, квалитетни младински програми, развој на капацитетите на младинските работници, како и активно учество на младите во креирањето на локалните политики.

Посебен акцент беше ставен и на потребата од посистемска институционална и финансиска поддршка за младинските центри, со континуирано финансирање и долгорочни програми, наместо исклучиво проектен пристап. Инаку, Националниот форум за младинска работа кој се одржа во Охрид кон крајот на ноември минатата година, претставуваше значаен чекор кон воспоставување заедничка визија за организиран и системски развој на младинската работа во државата. Тогаш, на форумот беше постигнат консензус меѓу претставниците на локалните самоуправи, младинските центри, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Како резултат на заедничките заложби, едногласно беше усвоена Декларацијата за развој и унапредување на младинската работа, која претставува патоказ за идните законски измени и стандардизација во оваа област. Документот ги повикува општините да преземат конкретни чекори за воспоставување и поддршка на младински центри, јакнење на капацитетите на младинските работници и службениците за млади, како и зајакнување на партнерството со младите.

Учеството на Општина Карпош на овој настан и добивањето на признанието „Младински пријателски град“ претставуваат поттик за продолжување на активностите насочени кон создавање локална средина во која младите ќе имаат поголеми можности за личен и професионален развој, активно учество и реално влијание врз одлуките што ги засегаат. Пораката од форумот беше дека квалитетната младинска работа и функционалните младински центри се клучни за враќање на довербата на младите во институциите и создавање услови тие својата иднина да ја градат во сопствените општини.

фото Општина Карпош

Можеби ќе ве интересира

Општина Битола е добитник на националната награда „Младински пријателски град” во Пелагониски регион за 2026 година.

ДЕСК

Ѓорѓиевски: И денеска оставивме пример, а не ѓубре

ДЕСК

Општина Илинден ја одбележа 25-годишнината од загинувањето на македонскиот бранител Драго Маневски

ДЕСК