Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Кузманоска: Осигурителниот пазар функционира врз основа на доверба, затоа се важни заштита на осигурениците, довербата во осигурителниот систем и стабилноста на финансискиот сектор

„Сметам дека темата за која разговараме денес е важна, пред се, и од аспект на заштита на осигурениците, довербата во осигурителниот систем и стабилноста на финансискиот сектор, затоа што осигурителниот пазар функционира врз основа на доверба“, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Билјана Кузманоска на денешната надзорна расправа во македонското Собрание на тема „Причини за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“.

Таа посочи дека граѓаните и компаниите склучуваат полиси очекувајќи дека во моментот кога ќе настане ризик, нивните права ќе бидат заштитени и обврските од страна на осигурителните друштва, ќе бидат исполнети.

„Затоа финансиската состојба и работењето во секое осигурително друштво, а особено постапувањето на регулаторот кога ќе утврди неправилности, се прашања од јавен интерес. Од информациите со кои располагаме осигурителното друштво „ЗОИЛ Македонија“, денес познато како „Алта осигурување“ е основано во октомври 2023 година, а со своето работење започнало во април 2024 година. Во периодот што следуваше имаше промени во сопственичката структура, а во јуни 2026 година беше реализирана и докапитализација во износ од 1,3 милиони евра. По преземените активности, друштвото продолжи со своето работење и од август 2026 година повторно започна со склучување договори за осигурување“, рече Кузманоска.

Посочи дека имајќи го предвид досегашниот развој на друштвото, смета дека е важно да се добие јасна слика за неговата актуелна финансиска состојба и позицијата што ја има на осигурителниот пазар.

„Потребно е да се следат и резултатите од работењето, исполнувањето на обврските и неговото реално учество во осигурителниот пазар. Исто така, важно е и да се направи разлика помеѓу финансиската состојба на едно друштво и потенцијалното влијание што таа може да го има врз целиот осигурителен сектор. Тоа се две различни, но подеднакво значајни прашања. Затоа од вас, како претседателка на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, очекувам одговор на прашањето коешто ја засега македонската јавност, а тоа е, каква е моменталната финансиска состојба на осигурителното друштво „Алта осигурување“, со колкав процент учествува во вкупниот осигурителен пазар во Македонија и дали постои ризик неговата состојба да ја загрози стабилноста на осигурителниот сектор“, праша Кузманоска.

фото Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Можеби ќе ве интересира

Сиљановска-Давкова – Ван дер Белен: Австрија останува важен и искрен поддржувач на македонскиот евроинтеграциски пат

ДЕСК

Каранфилова-Пановска: Мицкоски изнесе брутална лага на надзорната расправа за Алта банка, Обвинителството мора да постапи

ДЕСК

Талески до Савески: Ако не сте продолжена рака на Мицкоски – постапете за лажниот исказ на надзорната расправа

ДЕСК