Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Левица: По скратена постапка ДПМНЕ повторно брише кривична одговорност – новиот Кривичен законик со години го најавуваат, а стариот го раскројуваат

Соопштение на Левица:

По хаваријата предизвикана со измените на Кривичниот законик од 2023 година на СДСМ со кворумска поддршка од ДПМНЕ и тенденциозното, несецлосно прекројување во јануари годинава, парламентарното мнозинство предводено од ДПМНЕ повторно посегнува по кривичното законодавство, и тоа по скратена постапка!

Наместо целосно нов Кривичен законик, добиваме уште една законодавна крпеница во која се менуваат самите граници на кривичната одговорност.

Проблематично е што со предложените измени од членот 394-в целосно исчезнува постојната инкриминација што предвидува затвор од една до десет години за дејствија сторени од небрежност кај службени и одговорни лица задолжени за спречување финансирање тероризам. Станува збор за државни функционери и службени лица, одговорни лица во банки и други финансиски институции, како и лица со законски овластувања да спречуваат вакви незаконски финансиски активности. Со други зборови, досега законот предвидувал казнување и кога такво лице поради небрежност ќе направи сериозен пропуст, иако според својата должност било обврзано и можело да го спречи. Сега токму оваа посебна основа за одговорност исчезнува, без предлагачите од ДПМНЕ да објаснат зошто, кого може да засегне и дали ќе влијае врз веќе започнати постапки. По искуството со измените од 2023 година, кога менувањето на неколку законски одредби имаше сериозни последици врз корупциските предмети, ваквото необразложено бришење не смее да помине како обична техничка поправка.

Власта продолжува да предлага недоволно разработени одредби што оставаат простор за различни толкувања, селективна примена, па и потенцијални политички пресметки. Наместо прецизност, правна сигурност и јасно утврдени граници на казнивоста, се нуди уште едно парцијално прекројување на закон чија примена веќе е оптоварена со сериозни последици од претходните интервенции.

А хронологијата на владејачките ветувања за новиот Кривичен законик прерасна во каталог на пробиени рокови и вечни најави и испраќања во Брисел. Од „готов е“ до „се финализира“, од „до јуни“ до „до декември“ – календарот постојано се поместува, а законодавните крпења непречено пристигнуваат во Собранието!

И додека ДПМНЕ ја претставува секоја нова интервенција како реформа, Европската комисија во најновиот извештај од ноември 2026 година констатира дека Македонија нема напредок во борбата против корупцијата, дека измените од јануари не ги отстраниле штетните последици од 2023 година и дека придонеле кон правна несигурност. Предметите за висока корупција продолжуваат да се одолговлекуваат и застаруваат, а препораката за донесување целосно нов Кривичен законик останува неисполнета. Дополнително, и домашната стручна јавност предупредува дека честите законски измени создаваат несигурност околу применливото право и дека мора однапред да се проценат нивните последици врз тековните предмети.

Левица бара прекин на практиката на стихијно прекројување на кривичното законодавство и јавно објаснување за секоја избришана инкриминација со целосна проценка на ефектите врз постојните постапки. Правдата не може да функционира по систем „закрпи денес, барај оправдување утре“, а политичката одговорност за хаосот да не постои.

Можеби ќе ве интересира

ВМРО ДПМНЕ: Додека инфлацијата во еврозоната достигна 4%, во Македонија изнесува 3,3%, СДС повторно шири паника, црни сценарија и манипулира со граѓаните

ДЕСК

Мециновиќ: Фондот за здравство нема демократски легитимитет да задира во веќе стекнатите права на работниците – ДПМНЕ не го поддржа предлог-законот на Левица и ги остави работниците на милост и немилост на ФЗО

ДЕСК

Герасимовски: 20 контејнери за текстилен отпад во Центар, ја подигнуваме еколошката свест и одговорност

ДЕСК