Centar.mk
youtube.com/watch?v=atNonDwRRn0&feature=youtu.be
МАКЕДОНИЈА

Крмов: Владата ги жртвува капиталните инвестиции за да ги покрие тековните буџетски обврски – 90% од буџетот одат за плати, пензии и долгови

На денешната расправа за вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година, координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, укажа на сериозните недостатоци во буџетското планирање на Владата, посочувајќи дека само два месеци по претходниот ребаланс повторно се прават значителни прераспределби на буџетските средства.

Крмов посочи дека, иако Владата како причини за ребалансот ги наведува намалените приходи од акцизи и неданочни приходи, кои изнесуваат околу 86,5 милиони евра, внатре во Буџетот се врши прераспределба и кратење на средства во износ од дури 136 милиони евра. Најголемиот удар е врз капиталните инвестиции, од кои се кратат 94 милиони евра, додека дополнително се намалуваат и средствата за субвенции и трансфери за 36 милиони евра и за стоки и услуги за 6,2 милиони евра.

Особено загрижувачки е фактот што средствата од капиталните инвестиции се пренасочуваат кон социјалните трансфери. Според презентираните податоци, околу 60 милиони евра се прераспределуваат за покривање на обврските за пензии (21,7 милиони евра), социјални надоместоци (23,4 милиони евра) и здравствена заштита (14,4 милиони евра). Крмов нагласи дека не станува збор за нови социјални мерки или зголемување на правата на граѓаните, туку за обезбедување средства за тековните обврски на државата, што отвора сериозни прашања за реалноста на првичното буџетско планирање.

„Ако Владата не го направеше овој ребаланс, практично немаше да може да исплати ниту пензии, ниту социјални надоместоци, ниту здравствено осигурување. Тоа се тековните обврски на Владата и тоа покажува катастрофално планирање, дека и при најмали флуктуации не можеме основните обврски на Владата да ги завршиме“, истакна Крмов.

Пратеникот посочи дека кратењето на капиталните инвестиции директно ги погодува развојните проекти на државата: реконструкцијата на училишта и болници, изградбата на клиничките центри во Скопје и Штип, реконструкцијата на касарните, руралниот развој, управувањето со отпадните води, екологијата и инфраструктурните проекти. Според него, токму капиталните инвестиции треба да бидат основата за создавање нова економска вредност и долгорочен развој, но во македонските буџети тие постојано се првите на удар при секој ребаланс.

Крмов се осврна и на буџетскиот дефицит, кој останува на 4,1% од БДП, односно околу 752 милиони евра. Тој посочи дека државата со години не успева да го намали овој дефицит, додека капиталните инвестиции се планираат амбициозно, а потоа се кратат поради ниската реализација.

„Наводно, буџетите во Р. Македонија се развојни, но ако ги погледнете ребалансите, ќе видите дека секогаш први страдаат капиталните инвестиции. Ние повторно имаме буџет којшто практично се сведува на плати, пензии и долгови. 90% од буџетот се плати, пензии и долгови. Со таков буџет нема далеку да стигнеме. Сите наши издатоци, за жал, веќе се покриваат само со кредити и полека, но сигурно, одиме кон економски колапс“, предупреди Крмов.

Од Левица оценуваат дека вториот ребаланс на Буџетот е уште една потврда за отсуството на долгорочно планирање и развојна економска политика, при што средствата наменети за инвестиции во јавната инфраструктура и развојот се жртвуваат за да се покријат тековните буџетски обврски.

youtube.com/watch?v=atNonDwRRn0&feature=youtu.be

Можеби ќе ве интересира

ВМРО ДПМНЕ: Филипче е нервозен затоа што ќе се најде решение за Алта банка, во време на СДС банките пропаѓаа, се затвораа, а блиски до кланот Заеви се богатеа

ДЕСК

Филипче: Повеќе пари без тендер, помалку контрола – СДСМ против измените на Законот за јавни набавки

ДЕСК

Потпишан Меморандум за соработка меѓу Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“

ДЕСК