Општина Центар, во соработка со лиценцираната компанија „Еко-текс груп“, почна со поставување специјализирани контејнери за селекција на текстилен отпад, пред основните училишта и детските градинки.
„Првиот контејнер за текстилен отпад го поставивме пред ООУ „Коле Неделковски“. Преку ваквите иницијативи ги учиме децата, но и возрасните, да се однесуваат општествено и еколошки одговорно. Со едукација за собирање, рециклирање и повторна употреба заедно придонесуваме за почиста и поздрава средина“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Во првата фаза ќе бидат поставени 11 контејнери, а во втората уште девет, со што мрежата ќе опфати вкупно 20 локации.
Граѓаните во овие контејнери ќе можат одделно да оставаат стара облека, обувки и други текстилни производи. Наместо да завршат во комуналниот отпад, тие ќе бидат селектирани, сортирани и упатени на натамошен третман и рециклирање.
Со ваквите активности Општина Центар делува во согласност со принципите за заштита на животната средина, важечките законски прописи и меѓународните стандарди.
фото Општина Центар – Скопје


