Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, побара Мицкоски јавно да каже со кого преговарал за Алта банка, со нејзиниот сопственик Давор Мацура или со неговиот ментор Вучиќ, како и за актуелните најави дека пронашол купувачи за банката.
„Го слушам изминатите денови премиерот Христијан Мицкоски како кажува дека нашол купувачи за Алта банка. Тој нашол купувачи за Алта банка. Во кое својство? Што е премиерот Мицкоски? Дилер, посредник, пронаоѓач на потенцијални купувачи на банки кај нас“, рече Филипче.
Тој посочи дека по изјавата на гувернерот Трајко Славески дека се консултирал со Мицкоски за влезот на Алта банка во Македонија, го отвора прашањето со кого Мицкоски преговарал.
„Очигледно е дека премиерот знаел, бил информиран за тоа дека Алта банка доаѓа кај нас да ја преземе тогашна Стопанска банка Битола. Со кого преговарал? Разговарал ли со Давор Мацура. Зошто на владина седница се носела одлука да јавни претпријатија ги отстапат акциите во корист на Давор Мацура, односно Алта банка? Зошто не донеле одлука да се направи тоа во корист на друга банка? Каков бил интересот да се зголеми капиталот и вредноста на една криминална банка тука кај нас. Во чија корист, во интерес на што работеле и работат овие луѓе што ја водат Владата? Разговарал ли со Давор Мацура, човекот кој што од менувачница направи банка со црни пари, криминални пари, пари од корупција, од шверц на дрога и не стави нашата земја во балканскиот картел на Александар Вучиќ. Ете тоа го направи Христијан Мицкоски. Како што го урна реномето на земјата во однос на евроинтегративните процеси, така го урна реномето на земјата и во однос на сè што се случува во овој, во рамките на овој балкански криминален октопод кој што е воден, беше воден од Александар Вучиќ, а Александар Вучиќ му е и му беше ментор на Христијан Мицкоски.“, рече Филипче.
Филипче го праша Мицкоски зошто најавува продажба и бара потенцијални купувачи, доколку изборот на банки за учество во аукцијата и постапките поврзани со неа се во надлежност на Народната банка.
„Според законите и прописите потребно е да има најмалку две банки за да се организира аукција. Најдени ли се тие банки или целокупната законска обврска на Народна банка ја презел Христијан Мицкоски? Знае ли тој кои банки се тие. Избрани ли се банките коишто ќе учествуваат на аукцијата? Ако се избрани, зошто не ги знаеме? Ако не се избрани, како тој и во кое својство ги бара и ги најавува. Дали 80 милиони евра биланс на Алта банка тука во Македонија ги има? Дали банката ги има парите? Дали граѓаните, фирмите, сите јавни претпријатија коишто ги притискале и премиерот и министерката за финансии да ги препродадат акциите во Алта банка го имаат својот капитал или не? Тоа е прашање на коешто треба да се одговори“, нагласи Филипче.


