Десет средни училишта од Македонија се меѓу 52-те избрани училишта од Западен Балкан во петтиот повик на регионалната програма „Суперучилишта“. Канцеларијата за регионална младинска соработка RYCO информира дека училиштата ќе учествуваат во 26 партнерства меѓу различни земји, со активности за меѓукултурно учење, соработка и поврзување на средношколците.
Програмата е поддржана од Европската унија и германската влада, а се спроведува преку GIZ и RYCO. Меѓу избраните училишта има 14 од Србија, 11 од Босна и Херцеговина, 10 од Македонија, осум од Албанија, седум од Косово и две од Црна Гора.
Ученичките размени се планирани од средината на ноември 2026 до април 2027 година. Програмата не претставува индивидуален конкурс за секој ученик, туку се реализира преку избраните училишни партнерства.


