Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ во емисијата Колегиум на Алфа телевизија, говореше на повеќе теми меѓу кои и темата за Извештајот од ЕК, како и за состојбите во правосудството при што ги истакна позициите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на евроинтегративниот процес и потребата од конкретни гаранции пред спроведувањето на уставните измени. Стојаноска се осврна и на ставовите на опозициската СДС и денешните кажувања на Андреј Жерновски, укажувајќи на тоа кои се последиците од седум години владеење на СДС.
„Сето тоа е последица од нив. Политизирано е од нив, а без пари заради нив. Тие без пари не само правосудството, цела држава ја оставија. И сега тој е еден гласноговорник којшто ви кажува што не функционира, ја повикува Лаура Ковеши. Човек којшто не верува во сопствените институции. Тоа е нивната матрица. За нив авторитет е некој од надвор, немаат авторитет тука дома. И сега ништо не е поразлично од времето на Заев, освен што се опозиција“, рече Стојаноска.
Таа посочи дека обврската е преземена од страна на претходната власт, додека сегашната го носи товарот.
„Не можеме вината да ја префрлиме само на нашиот јужен и источен сосед. Добро што и самиот евроамбасдор кажа дека е подобар од минатата година, дека имаме особен напредок во реформите, образование, надворешна политика, безбедносна политика итн. Меѓутоа, останува прозорот на можностите, последниот воз уште тоа главно. Но, милион пати сме кажале и ќе повториме дека, апсолутно не може тоа да се случи без некој конкретно да ни гарантира дека ако евентуално се направат уставни измени, после тоа исклучиво ќе зависиме од мерит системот, односно од она што ќе го спроведеме како реформи“, истакна Стојаноска.
Стојаноска потенцираше дека политичарите од источниот сосед постојано нагласуваат и водат кампањи врз база на тоа дека уставните измени не се единствениот услов за Македонија на европскиот пат, а како што вели, од опозициската СДС тврдат дека го зацврстиле статусот на македонскиот јазик, а во јавноста повикуваат на уставни измени, без да постојат какви било гаранции.
„Ако веќе си го направил тоа што тие го барале, што ќе предизвика потоа согласно Устав многу промени. А кој има зијан ако не се реализира нештото, Македонија, Бугарија си е членка. Ова и на алфабета од дипломатија да му се објасни, ќе го сфати, освен овие коишто се прават дека не е така и глумат некое лудило. Но, за нивна жал, во оваа држава додека е ВМРО-ДПМНЕ на власт не може да се случи. Понудивме опција да имаме одложено дејство или на крајот последниот ден, кога се ќе заврши, тогаш да ги направиме уставните измени, ако велиме намерите на источниот сосед се чесни. Или велиме ајде да се усвои акцискиот план за малцинствата. Никој нема со тоа проблем со неговото усвојување, 26 членки немаат, само една има. Кој е тој што го кочи европскиот процес? Какви политики водеа, такви резултати доведоа, и сега ќе ви кажуваат ВМРО-ДПМНЕ го кочи европскиот пат, далеку од тоа“, заклучи Стојаноска.


