Centar.mk
фото Претседателски кабинет
-МАКЕДОНИЈА

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на работната посета на Брисел, оствари средба со Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Сиљановска-Давкова ја реафирмираше посветеноста на македонската држава на НАТО и колективната одбрана, посочувајќи дека сојузничкото единство и силната трансатлантска врска се темелни предуслови за безбедноста на сојузниците.

Таа ја потврди определбата за достигнување на целта за издвојувањето, согласно Хашкиот план, нагласувајќи дека континуирано вложуваме во модернизацијата на Армијата, сајбер-отпорноста, новите технологии и заштитата на критичната инфраструктура.

За неа, Коридорите 8 и 10 не се само инфраструктурни проекти, туку стратешки правци што ја поврзуваат регионалната соработка со безбедносните интереси на НАТО и Европската Унија, особено во контекст на воената мобилност.

Сиљановска-Давкова изрази задоволство од сертификацијата на Лесната пешадиска баталјонска група како борбено подготвена, оценувајќи го тоа како потврда за професионалноста и способноста на Армијата да придонесува во операциите предводени од НАТО, ЕУ и ОН.

Повикувајќи се на искуството од членството во НАТО, таа укажа дека исполнувањето на високите сојузнички стандарди треба да биде пример за доследна примена на Копенхашките критериуми во процесот на европска интеграција.

Претседателката ја реафирмираше поддршката за Украина и потребата од континуирана политичка, воена, финансиска и хуманитарна помош, во знак на сојузничка солидарност.

Според неа, сеопфатниот, праведен и траен мир мора да почива врз меѓународното право и Повелбата на Обединетите Нации, а доследноста во почитувањето на овие принципи е неразделна од почитувањето на меѓународниот поредок.

фото Претседателски кабинет

Можеби ќе ве интересира

Левица: Фемицидот во Богданци е уште еден доказ дека полицијата не ги штити жените кои пријавуваат насилство

ДЕСК

Министерот Клековски најави нови проекти во здравството и се осврна на клучните приоритети – поголема достапност на лекови, реформа на ИМП и дигитално здравство

ДЕСК

Јаневска: Поголема безбедноста на младите во сообраќајот преку координирано делување на училиштата, институциите, семејствата, граѓанскиот сектор и локалните заедници

ДЕСК