Дваесетгодишно лице доби мерка притвор од 30 дена поради сомнение за насилство за време на судирот меѓу навивачки групи пред спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје. Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за кривично дело насилство, според одредбите од Кривичниот законик.
Според обвинителството, осомничениот за време на конфликтот удрил дете од спротивната навивачка група во пределот на главата. Од ударот детето изгубило свест и паднало на земјата, по што било пренесено во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ со контузија на главата.
Јавниот обвинител побарал притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и ризик од повторување на делото. Кривичниот суд го прифатил предлогот. Истрагата продолжува, а осомничениот се смета за невин сè додека евентуалната вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.


