Centar.mk
фото Собрание
-МАКЕДОНИЈА

Ласовска на седница на Комисијата за правни прашања и меѓународна соработка на ПАБСЕК

Пратеничката Благица Ласовска, потпретседателка на ПАБСЕК и шеф на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка, учествуваше на 68. седница на Комисијата за правни прашања и меѓународна соработка на ПАБСЕК, што се одржува на 2 ноември 2026 година во Тбилиси, Грузија.

Во својство на известувач, Ласовска пред членовите на Комисијата го презентираше нацрт-извештајот „Парламентарна поддршка за иновациите: законодавни пристапи за унапредување на науката и технологијата во Регионот на Црното Море“.

При презентацијата таа се осврна на главните наоди и насоки во извештајот, кој ги разгледува можностите земјите од регионот подобро да ги поврзат науката, технологијата и претприемништвото со одржливиот економски развој.

Ласовска истакна дека способноста за создавање знаење и негово претворање во практични решенија, производи и услуги е сè поважна за конкурентноста, економската отпорност и благосостојбата на граѓаните.

Ефикасниот иновациски систем, според извештајот, се темели на соработка меѓу државните институции, универзитетите, истражувачките центри, стопанството и финансиските институции.

Во извештајот се посочуваат предизвиците со кои се соочуваат земјите членки на ПАБСЕК, меѓу кои се разликите во капацитетите за истражување, финансирањето, инфраструктурата и учеството во меѓународни програми.

Посебно внимание е посветено на потребата научните резултати полесно да стигнат до примена во стопанството, како и на условите за иновативните претпријатија да обезбедат инвестиции, да се развиваат и да пристапат до меѓународните пазари.
Ласовска укажа и на значењето на човечкиот капитал за развојот на иновациите.

Поддршката за младите истражувачи, унапредувањето на професионалните можности, мобилноста меѓу академската заедница и стопанството и соработката со научната дијаспора се важни за задржување и развој на стручниот кадар во регионот.

Во делот посветен на парламентарната улога, извештајот ја истакнува потребата од усогласена и предвидлива законска рамка за истражувањето, високото образование, интелектуалната сопственост, инвестициите, јавните набавки, заштитата на податоците и новите технологии.
Парламентите имаат важна улога и преку надзор над спроведувањето на националните стратегии, редовно известување и користење независни научни совети при подготовката на политики и законски решенија.

Во извештајот се нагласува дека предизвиците во науката и технологијата не можат целосно да се решаваат само на национално ниво. Регионалната соработка може да овозможи заеднички истражувачки програми, размена на знаења, мобилност на истражувачите и поширок пристап до научна инфраструктура и специјализирана опрема. Во тој контекст, ПАБСЕК може да придонесе преку парламентарниот дијалог, размената на искуства и поттикнувањето соработка меѓу земјите членки.

По презентацијата, членовите на Комисијата расправаа за извештајот и за можностите за унапредување на законодавните пристапи и соработката во Регионот на Црното Море и истиот беше усвоен. Комисијата ја определи Ласовска како известувач на 68. Генерално собрание на ПАБСЕК што ќе се одржи од 23 до 25 ноември во Атина.

Можеби ќе ве интересира

ВАЖНА ИНФОРМАЦИЈА ЗА СКОПЈАНИ – Завршени анализите на водата за пиење, познати резултатите

ДЕСК

ЧЕТВОРИЦА ПРИВЕДЕНИ ПО ФУДБАЛСКИ НАТПРЕВАР ВО СКОПЈЕ – Тепачка по дуелот меѓу Шкендија Арачиново и Тиквеш

ДЕСК

МДТ ја продолжува борбата против нелегалното онлајн коцкање, нов налог за блокирање 104 веб-страници

ДЕСК