Прес конференција на Андреј Жерновски, Секретар за меѓународна соработка и член на Извршниот одбор на СДСМ:
Андреј Жерновски, Секретар за меѓународна соработка и член на Извршниот одбор на СДСМ, на денешната прес-конференција побара итни одговори од премиерот Христијан Мицкоски, гувернерот Трајко Славески и Обвинителството за информациите за трансфери на пари преку Алта банка од Србија во Македонија. Тој го отвори прашањето дали Скопје станува станица за натамошен трансфер на пари кон Москва.
„Не зборува за криминалот, за криминалните пари и за тоа кој овозможи Алта банка да влезе и кои сега овозможуваат пари да се трансферираат од Белград до Скопје и преку Скопје до Москва“, рече Жерновски.
Тој посочи дека, според информациите на кои се повикува СДСМ, станува збор за трансфери од над 50 милиони евра, за кои премиерот и гувернерот треба да дадат одговори пред јавноста.
„Верувале или не, според последните информации коишто доаѓаат од соседна Србија, од централата на Алта банка во Белград се префрлаат фрапантни над 50 милиони евра во Алта банка Македонија“, истакна Жерновски.
Според него, Мицкоски и Славески се најповикани да објаснат што се случува, поради нивната улога во влезот на банката во државата.
„Да не заборавиме дека влезот на Алта банка во Македонија е со знаење, со одобрување и со одлука токму на Мицкоски и на Трајко Славески и затоа тие се најповикани да одговорат што се случува денеска, бидејќи одговорот на тоа прашање го очекуваат не само нашите граѓани, туку го очекуваат сите и во регионот. Но тука упорно се молчи“, нагласи тој.
Жерновски соопшти и дека до СДСМ пристигнале информации од свиркачи за притисоци врз институции, вработени и компании што добиваат тендери да работат преку Алта банка.
„Во меѓувреме, ова е крајно сериозен податок: преку свиркачи, СДСМ дојде до информација дека наназад, по влезот на Алта банка во Македонија, институциите во Македонија, вработените во тие институции и компаниите коишто добиваат тендери се терани усно да работат преку Алта банка“, рече Жерновски.
Тој предупреди на сериозноста на овие наводи и побара институциите да престанат да молчат.
„Гледаме молк, што е исто така многу страшно, и од гувернерот Трајко Славески. Гледаме молк и од обвинителството и затоа денешната прес-конференција е крајно сериозна“, посочи Жерновски.
На крајот, тој порача дека избегнувањето одговори нема да ги затвори отворените прашања.
„Стратегијата на Мицкоски е јасна. Тој молчи затоа што мисли на тој начин дека ќе помине сето ова, секое чудо за три дена и така натаму“, рече Жерновски, додавајќи: „Така што, му сугерираме да не молчи, туку веднаш да излезе пред граѓаните и да каже за потеклото на овие криминални пари.“
фото СДСМ


