Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на последниот ден од изборната кампања во Брвеница и какви се очекувањата од вториот круг, изјави:
„Па да, денеска кон крајот на денот ќе имаме завршно обраќање пред жителите на Брвеница. ВМРО-ДПМНЕ во секоја кампања влегува со цел да победи, така и во оваа кампања во Брвеница во вториот круг. Во првиот имавме најмногу гласови, речиси 3000, сега очекуваме и тој број на гласови да го зголемиме, нашата цел е да бидеме над 4000 гласа и со тоа цениме дека ќе имаме победа во Брвеница.ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицијата, секогаш влегува во избори за да победи. Ние, за разлика од политичките партии коишто се обединија околу противкандидатот, се обраќавме на жителите на Брвеница, тие создаваа етничка поделба без притоа да водат сметка дека тие ќе заминат на 2., а таму ќе останат луѓето заедно да живеат, и Македонци и Албанци и останати и христијани и муслимани. За жал, водеа една таква, би рекол, кампања којашто не доликува за 21. век, но тоа е што е. Тие ценат дека, претпоставувам, на тој начин ќе добијат градоначалник повеќе во Брвеница. Мојата порака и до жителите на Брвеница и до македонската јавност е дека кога одлучуваат за кого да го дадат својот глас, треба да одлучуваат дали да го дадат својот глас за оние коишто имаа можност во минатото повеќе од две децении да направат нешто, а не направија ништо, односно оставија нула, и овие коишто сега го прават сето она коешто, за жал, во минатото не било направено. И тука нема етничка поделба и заради тоа јас би сакал уште еднашка да упатам порака до жителите на Брвеница и жителите на Македонија, дека ако сакаме да одиме напред, мораме да зборуваме за проект повеќе и да зборуваме за додадена вредност во квалитетот на животот на граѓаните, а не да се враќаме на политики од минатиот век. Тие се гума за спасување на политичари кои припаѓаат во минатиот век и тие така ја гледаат оваа кампања во Брвеница. Но на крајот од денот, во недела ќе видиме каков ќе биде резултатот.Очекувам да помине денот мирно, да нема поголеми инциденти и на тој начин да покажеме дека сме зрела демократија, што всушност и го покажуваме, бидејќи мирот кај нас не е доведен под знак прашање, додека во околината, во соседството, но и насекаде во Европа, гледате дека имаме прилично тензична состојба во одредени градови.“


