Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари средба со министерот за надворешни и европски работи на Словачката Република, Јурај Бланар. На средбата беа разменети мислења за билатералните односи, поддршката на Словачка за европските интеграции на земјата, како и можностите за унапредување на парламентарната, економската, образовната и културната соработка.
Претседателот Гаши ја истакна важноста на континуираниот политички дијалог и традиционално пријателските односи меѓу двете земји, изразувајќи благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Словачката Република за европските аспирации на Северна Македонија. Особено ја поздрави активната улога на Словачка во рамките на Европската Унија и Вишеградската група, како и нејзината поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
Во контекст на регионалната соработка, Гаши ја поздрави и иницијативата за поттикнување на економската реинтеграција на регионот на Западен Балкан, нагласувајќи дека регионалната поврзаност и економскиот развој се важни предуслови за стабилност и побрзо приближување кон Европската Унија.
Во својата дискусија, министерот Бланар изрази задоволство од посетата и од можноста за средба со претседателот на Собранието. Тој ја потврди подготвеноста на Словачката Република да продолжи да ѝ дава значителна поддршка на Северна Македонија на патот кон полноправно членство во Европската Унија, со цел земјата да стане дел од европското семејство. Бланар истакна дека Северна Македонија ги исполнува условите за започнување на преговорите за членство во ЕУ и ја нагласи важноста од продолжување на европскиот интегративен процес, со поддршка од Словачка и другите земји членки.
Посебно внимание на средбата беше посветено на парламентарната соработка. Гаши изрази очекување за интензивирање на активностите на Групата за соработка со Националниот совет на Словачката Република, како и за продолжување на размената на искуства и добри практики меѓу двете законодавни институции.
На крајот, претседателот Гаши ја нагласи важноста на парламентарната дипломатија како значаен инструмент за продлабочување на билатералните односи, изразувајќи подготвеност за продолжување и интензивирање на соработката со Словачката Република во сите области од заемен интерес.
фото Собрание


