Драгана Бојковска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, постави три пратенички прашања кои ги упати до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Првото прашање коешто го постави Бојковска се однесуваше на очекувањата на премиерот Мицкоски и позициите на Македонија, а по повод, неговото неодамнешно учество на Самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора, во чиј фокус биле економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзувањето на интеграцијата во Европската Унија.
„Кои се вашите очекувања по Самитот на Берлинскиот процес. Можете ли да ни дадете поширока слика за тоа што се случуваше таму и какви се позициите на Македонија и регионот?“, праша Бојковска.
Второто прашање на Бојковска се однесуваше на младинскиот стандард, која меѓу другото, се осврна и на дебатите во рамките на Комисијата за финансирање и буџет, а по повод вториот ребаланс на буџетот и обвинувањата дека се кратат пари за студентите и младите, а кои доаѓаат од луѓе од СДС, кои како функционери, го урнисале младинскиот стандард, а студентските домови ги оставиле во катастрофална состојба за што сведочи и, како што вели Бојковска, посебниот извештај на ДЗР. За разлика од сега кога младите ја имаат Владата како партнер, која вложува во унапредување и подобрување на младинскиот стандард и со која можат да разговараат за предизвиците со кои се соочуваат младите во земјата.
„Истите тие луѓе од СДС се оние коишто буквално народски кажано шајка не заковаа во студентските домови. Оние коишто им ги ветуваа Гугл и Формула 1 на младите, тоа се истите тие коишто ги излажаа младите дека ќе добијат студентски град, па им претставуваа некакви футуристички проекти. Тоа се истите тие луѓе коишто ги оставија студентските домови во катастрофална состојба, за што постои посебен извештај на Државниот завод за ревизија. Да го земеме секој нивни ребаланс за секоја година од нивната влада ќе видиме дека секогаш се кратеше од ставките за младите. Се кратеше и не се реализираше“, рече Бојковска, па во продолжение праша:
„Како Владата гледа на она коешто го направивме во изминатите две години за младите особено за студентите и кој е вашиот поглед во однос на Законот за субвенциониран студентски оброк и начинот на негово имплементирање?“.
Третото прашање кое го постави Бојковска се однесуваше на состојбата со енергетската криза којашто неминовно ја погоди и Македонија, како и мерките коишто ги презеде Владата, преку интервенции во даноците и акцизите за горивата, а во насока на заштита на стандардот на граѓаните и ублажување на последиците од енергетската криза.
„Според официјалните извештаи на Меѓународниот монетарен фонд, Македонија беше во топ три земји во Европа според обемот на преземени мерки за заштита на стандардот на граѓаните и справување со ценовните шокови како процент од БДП“, рече Бојковска и праша:
„Дали може да ни кажете каква е состојбата со нафтата и бензините во државата и споредбено со она коешто го имаат во регионот?“.
фото ВМРО ДПМНЕ


