Centar.mk
фото Собрание
-МАКЕДОНИЈА

Потпишување на Меморандум за соработка со Управен суд

Претседателот на Собранието, Африм Гаши и в.д. претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини го потпишаа Меморандумот за соработка за дигитално поврзување на Собранието на Република Северна Македонија и Управниот суд. Овој меморандум е потпишан согласно Планот за дигитално поврзување на Управниот суд со јавните органи, Вишиот управен суд и правните и физичките лица преку соодветна софтверската платформа. Целта на Меморандумот е да се воспостави рамка за меѓусебна соработка за дигиталното поврзување (софтверската платформа за дигитализација ЕПУС) при извршувањето на утврдените надлежности на институциите.

Дигиталното поврзување и размена на податоците меѓу Собранието и Управниот суд се воспоставува и спроведува согласно важечките прописи, и тоа: Законот за управни спорови, Законот за општата управна постапка, Судскиот Деловник, Законот за судови, Законот за електронско управување и користење на услуги, Законот за заштита на личните податоци и согласно надлежностите на Собранието и Управниот суд, како страни потписнички на овој меморандум.

Меморандумот ги опфаќа следните процеси: поднесување на тужба; покана за одговор на тужба; достава на одговор на тужба и списи; одговор на одговор на тужба; достава на покани; достава на одлука; достава на жалба; одговор на жалба; достава на одговор по жалба со списи; одговор на одговор на жалба; достава на жалба до Виш управен суд; достава на второстепена одлука; достава на второстепена одлука до странките; достава на додатни списи за предметот и достава на останати акти за предметот. Сите овие процеси дигиталното поврзување на Собранието и Управниот суд ќе ги забрза, олесни и ќе придонесе за поефикасно работење на институциите од една страна и поефикасно остварување на правата на физичките и правните лица утврдени со закон.

Во спроведувањето на овој Меморандум страните потписнички ќе ги применуваат највисоките стандарди за безбедност согласно националното законодавство и ќе ја почитуваат доверливоста на податоците и информациите кои се предмет на размена.

Меморандумот ќе биде предмет на постојана заедничка анализа, како и на евентуална дополнителна измена согласно потребите на страните потписнички, со цел за унапредување на соработката.

фото Собрание

Можеби ќе ве интересира

Искористени средствата за еднократната помош за пензионерите во социјален ризик од Општина Центар

ДЕСК

Гаши – Тигањ: Потврдено традиционалното партнерство

ДЕСК

Мицкоски со конкретен чекор за заштита на новинарите

ДЕСК