Буџетот е во катастрофална состојба, во него недостигаат 900 милиони евра, а вториот ребаланс е признание за лошото водење на финансиите и економијата од Владата на Мицкоски, истакна претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Филипче посочи дека дополнително недостигаат средства и во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, поради што се отвора прашањето од кои извори ќе се исплаќаат платите и пензиите во следниот период.
„Сè повеќе на виделина излегува дека буџетот е во катастрофална состојба, фалат скоро милијарда евра, 900 милиони евра недостасуваат во буџетот, дополнително во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за пензии недостасуваат исто така уште една милијарда евра. Сериозно е загрозена стабилноста на буџетот, како и тоа дека сè повеќе се отвораат прашањата од каде и од кои извори во следниот период, дали пред Нова година, дали на почетокот на следната година, ќе се исплаќаат плати и пензии“, рече претседателот Филипче.
Тој нагласи дека, додека другите држави веќе разговараат за буџетите за следната година, Македонија прави втор ребаланс во текот на една година.
„Нема држава која што сега прави втор ребаланс на буџетот. Сега сите држави кои што добро се менаџираат, веќе разговараат за буџетите за 2027 година. Што ние правиме? Ребаланс за, само што ќе заврши овој ребаланс, да почне и да се отвори дискусијата за буџетот за следната година.
Нема поголем доказ за лошо менаџирање на буџетот, финансиите и економијата од страна на Христијан Мицкоски од овој втор ребаланс“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ подвлече дека со ребалансот нема пари за поголеми плати и подобар стандард, туку се кратат капиталните инвестиции и се отвора пат за ново задолжување.
„Кога не носи подобар стандард за граѓаните, нема пари за поголеми плати, нема фискална стабилизација, нема капитални инвестиции, напротив, тие се кратат, ова претставува ребаланс за да се направи задолжување за трошење, односно ребаланс со кој што ќе се пополнат дупките во буџетот. Тотален дебакл и практично признание дека сè е промашено при конструирањето на овој буџет“, рече Филипче.
Тој потсети дека со јулскиот ребаланс дефицитот бил зголемен со образложение дека средствата ќе одат за капитални инвестиции, но сега тие инвестиции се кратат, додека зголемениот дефицит останува.
„Со јулскиот ребаланс, дефицитот беше зголемен за околу 7 милијарди денари. Тогаш, образложението беше дека тие пари ќе одат за капитални инвестиции. Сега, сумата на капитални инвестиции се крати, од јулскиот ребаланс се носи на првично предвидената, а дефицитот останува 7 милијарди денари над почетниот план“, посочи Филипче.
Лошото планирање се гледа и кај приходите, чија проекција Владата сега ја намалува, додека јавниот долг продолжува да расте.
„На приходната страна нема поголем доказ за лошото планирање и за немањето капацитет на институциите. Имено, во јули Владата ја крена проекцијата на 379,5 милијарди денари, а сега ја намалува за 5,3 милијарди денари на околу 374 милијарди денари. Што значи тоа? Дека на приходната страна сериозно е потфрлено. Јавниот долг расте, ќе достигне 12 милијарди евра со долговите на јавните претпријатија, пред сè на Јавното претпријатие за државни патишта“, рече Филипче.
Тој истакна дека за две и пол години долгот е зголемен за околу 4 милијарди евра, а граѓаните не почувствувале подобрување на животниот стандард.
„За две години, практично две и пол години, за 50 проценти е зголемен вкупниот долг на државата. Од 8 на скоро 12 милијарди евра. При тоа, од тој зголемен долг, од тие нови скоро 4 милијарди евра, рекорден долг од независноста од ’91 година на државата, граѓаните не видоа ништо добро. Ајде да имаше подобар стандард, ајде да имаше поголеми плати, ајде да имаше поголеми субвенции во земјоделството, да имаше зголемување на приходите преку оброк или преку други извори за студентите, да имаше некаква стимулација на младите да останат во земјата, нешто да се случуваше на квалитативната страна во здравството, нешто во образованието. Никој не виде никаков бенефит од ова огромно зголемување, само долгови и камати, кои што ќе ги плаќаат следните кој знае колку генерации“, потенцираше Филипче.
Претседателот на СДСМ најави амандмани со кои се бараат повисока минимална плата, повеќе средства за младите, зголемување на студентскиот оброк и поддршка за земјоделците.
„Сега власта има избор, пред крај на годината, нека ги поддржи граѓаните, нека направи барем еден чекор со кој што ќе се зголеми стандардот во овие ужасно тешки услови за живот. Нека покажат малку грижа, емпатија, нека водат сметка за граѓаните, нека не водат сметка само за своите партиски тендери“, порача Филипче.
фото видео СДСМ


