Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Албулена Хаџиу, претседателка на Собранието на Република Косово, која престојува во официјална посета на државава.
Таа искажа задоволство од развојот на македонско-косовските односи, коишто се одликуваат со редовен политички дијалог, заеднички стратешки цели и усогласени ставови за меѓународните прашања.
Сиљановска-Давкова укажа дека добрососедството, јакнењето на регионалната соработка и иницијативите како процесот Брдо-Бриони, придонесуваат за поголема почит, разбраност и препознатливост на Западниот Балкан како кредибилен партнер на ЕУ.
Претседателката ја реафирмираше поддршката за евроатлантските аспирации на Косово. Таа уште еднаш порача дека во пристапниот процес кон ЕУ, државите треба да бидат праведно евалуирани, врз основа на Копенхашките критериуми.
Како поранешна пратеничка, за Сиљановска-Давкова улогата на парламентите и парламентарната соработка се клучни за продлабочување на демократските процеси. Таа ја охрабри позитивната динамика, на редовни средби на парламентарците и размена на добрите практики, особено во функција на евроинтеграциските процеси.
Хаџиу се заблагодари за македонското пријателство и солидарност потврдени низ годините. За неа, албанската заедница во земјава има важна улога во добрите меѓусебни односи. Таа истакна дека високо го цени македонскиот придонес за мирот и стабилноста на Косово, преку КФОР и НАТО, како и поддршката за нивното членство во евроатлантските структури.
Обете го поздравија напредокот во развојот на економската соработка и трговската размена, за што е неопходно натамошно унапредување на инфраструктурното поврзување меѓу двете земји и олеснување на царинските процедури.
Соговорничките разменија мислења и за актуелните политички состојби, согласувајќи се дека помирувањето и силниот регионален настап, придонесуваат за европската перспектива на Западниот Балкан и подобра меѓународна позиционираност.
фото Собрание


