Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Со вториот ребаланс расте задолжувањето, а нема мерки за граѓаните

Пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на Комисијата за финансирање и буџет обвини дека вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година отвора сериозни прашања за реалноста на буџетското планирање и економските политики на Владата. И покрај зголеменото задолжување и повисокиот буџетски дефицит, се намалуваат капиталните инвестиции, а изостануваат конкретни мерки за поддршка на граѓаните, младите, работниците, земјоделците и домашните компании.

„Ова е суштинската противречност на ребалансот. Вкупните расходи се повисоки од првично планираните, дефицитот е поголем од првично планираниот, но средствата за капитални инвестиции повторно се намалуваат“, истакна Ковачевски.

Со вториот ребаланс, приходите се планирани на околу 374,2 милијарди денари, расходите на 420,5 милијарди денари, а буџетскиот дефицит на 46,3 милијарди денари, односно 4,1% од БДП. Истовремено, капиталните расходи се намалуваат од 46,5 на 40,1 милијарда денари во однос на јулскиот ребаланс, односно за околу 13,6%.

„Проблемот не е само во висината на дефицитот, проблемот е и во структурата на трошењето“, посочи Ковачевски, нагласувајќи дека задолжувањето треба да создава нова вредност, подобра инфраструктура и повисока продуктивност, наместо развојните инвестиции да се намалуваат на сметка на тековната потрошувачка.

Ковачевски предупреди дека приходните проекции се дополнителен показател за слабостите во планирањето. До крајот на август биле реализирани околу 230,6 милијарди денари, односно 61,6% од планираните годишни приходи. За исполнување на планот, во последните четири месеци треба да се реализираат просечно по 35,9 милијарди денари месечно, што е околу 24,5% повеќе од досегашниот месечен просек.

„Приходите во Буџетот, како што беа предложени, се преценети за 8 до 9 проценти“, потсети Ковачевски на своето предупредување при носењето на првичниот Буџет за 2026 година.

Тој посочи дека недостигаат конкретни мерки за сузбивање на сивата економија, проширување на даночната база и подобрување на наплатата. Во однос на јулскиот ребаланс, планираните приходи се намалуваат за околу 5,3 милијарди денари, при што проекциите за акцизите се намалени за 3,8 милијарди денари, за неданочните приходи за околу 1,35 милијарди денари, а за донациите за околу 503 милиони денари.

„Буџетот не може да се потпира на оптимистички проекции без јасна процена на ризиците и на мерките за нивно надминување“, нагласи Ковачевски.
Ковачевски посочи дека намалувањата ги погодуваат секторите од кои директно зависи квалитетот на животот на граѓаните. Во здравството, средствата за одредени трансфери не можат да го надоместат недостигот од инвестиции во медицинска опрема, дијагностика, болничка инфраструктура и модернизација.
„Граѓаните не го оценуваат здравствениот систем според износот што е запишан во Буџетот. Тие го оценуваат според тоа колку долго чекаат за преглед, дали навреме добиваат дијагноза и дали болниците располагаат со потребната опрема“, истакна тој.

Дополнително, намалувањето на инвестициите во животната средина го зголемува ризикот од одложување на проектите за почист воздух, заштита на водите и управување со отпадот.

„Инвестициите во животната средина не смеат да се третираат како спореден трошок што може да се одложува без последици“, порача Ковачевски.
Ковачевски нагалси дека, ребалансот не нуди доволно силен одговор на проблемите со кои се соочуваат младите, особено високите цени на становите, ограничените можности за вработување и недостигот од платена пракса.

„Без вакви политики, повиците младите да останат во државата остануваат само декларативни, а ништо во тој дел нема да се промени“, истакна тој.
Тој предупреди и дека не се обезбедуваат дополнителни средства за зголемување на минималната плата, иако растот на трошоците за храна, домување, енергија и основни животни потреби создава дополнителен притисок врз домаќинствата.

Ковачевски посочи дека зголемените трошоци за суровини, репроматеријали и енергија ги оптоваруваат и земјоделците, а недоволната поддршка може да доведе до намалување на домашното производство и поголема зависност од увоз на храна.

„Земјоделството е важно не само за приходите на руралните домаќинства, туку и за домашното производство на храна, за стабилноста на понудата и за намалувањето на зависноста од увоз“, истакна Ковачевски.

Во однос на домашните компании и странските директни инвестиции, Ковачевски нагласи дека економската политика мора да обезбеди поголема продуктивност, извоз, трансфер на технологии и вклучување на домашните компании во меѓународните синџири на вредност.

Дополнително, со ребалансот бруто-задолжувањето се зголемува за околу 11,3 милијарди денари, на приближно 152,5 милијарди денари. Доспеаните, а неплатени обврски во јавниот сектор, според изнесените податоци, надминуваат 700 милиони евра.

„Ако долгот расте, а капиталните инвестиции се намалуваат, тогаш оправдано се поставува прашањето дали структурата на јавните финансии обезбедува доволно развојни придобивки од преземените обврски“, истакна Ковачевски.

Тој посочи дека се потребни пореално планирање на приходите, заштита на развојните инвестиции и поефикасно управување со јавните финансии, со цел задолжувањето да создава долгорочна економска вредност, а не дополнителен товар за граѓаните.

Можеби ќе ве интересира

ВОЗНЕМИРУВАЧКИ СЛУЧАЈ ВО ВЕЛЕС – Кај ученичка забележани видливи повреди, известени полицијата и обвинителството

ДЕСК

РЕВИЗИЈАТА ОТКРИ ПРОПУСТИ ВО МИНИСТЕРСТВО – Проблеми со имотот, обврските и јавните набавки

ДЕСК

МАКЕДОНСКИОТ ПАСОШ ОТВОРА 114 ДЕСТИНАЦИИ СО ОЛЕСНЕТ ВЛЕЗ – Но не секаде може да се патува без виза

ДЕСК