Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, во своето обраќање на интерпелацијата за министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, се осврна на нејзината одговорност за политиките во рударскиот сектор, особено за рудниците за металични минерали со отворен коп.
Јанчев посочи дека Министерството за енергетика и рударство има јасни стратешки, нормативни, управно-регулативни, организациски и надзорни надлежности во рударството. Тој нагласи дека Министерството ја води административната и подготвителната постапка за концесиите – од иницирање постапка и јавен повик, до прибирање мислења, увид на терен и подготовка на предлог-одлуки до Владата.
„Нема дилема дека Министерството за енергетика и рударство е надлежно за рударството и министерката исто така“, порача Јанчев.
Тој потсети дека токму во времето на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ биле доделени десетици концесии за рудници за металични минерали, по што следеле масовни протести, блокади и референдуми во југоистокот на државата.
Како пример ги посочи планираните рудници на Кожуф, каде според проектите било предвидено минирање со десетици тони динамит, како и рудникот Казандол во Валандово и Иловица во Струмичко. Јанчев потсети дека на референдумот во Гевгелија излегле 69% од гласачите, од кои речиси 98% се изјасниле против отворање рудници на Кожуф.
„Таква поддршка може само да сонува било кој политички субјект во држава“, рече Јанчев, потсетувајќи дека под притисокот на граѓаните била раскината концесијата за Иловица, а отпорот против рудниците трае веќе десет години.
Според Јанчев, наместо да стави крај на ваквите проекти, новата Влада воведува политики за развој на рударски капацитети, најавува нови закони, а во новата Стратегија за геолошки истражувања, искористување и експлоатација на минерални суровини предвидува подобрување на инвестициската клима и олеснување на процесот за издавање дозволи и одобренија.
„За кого ние ќе подобруваме инвестициска клима и ќе олеснуваме постапки за одобрение и дозволи? За Евромакс?“, праша Јанчев.
Тој посочи дека токму во однос на Евромакс, но и на Казандол, во минатото имало сериозни критики од актуелни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и за сопственичката структура на компаниите и начинот на кој биле туркани овие рударски проекти.
Јанчев ја критикуваше и намерата во новиот Просторен план на Република Македонија повторно да се предвидат Казандол и Иловица, иако Владата претходно се фалела дека арбитражата за Казандол е завршена.
Особено посочи кон Иловица, за која во предлог-просторниот план повторно се предвидува рудник со огромна брана за хидројаловиште во Струмичката Котлина – едно од најзначајните земјоделски подрачја во земјата.
„После десет години народен бунт на југоистокот, оваа политика до сега требаше да застане. Нам ни треба министер кој што на ова ќе му каже стоп, а тоа не сте вие“, порача Јанчев
фото/видео Левица


