Пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски, во Собранието, образложувајќи ја интерпелацијата за министерката за енергетика Сања Божиновска, отвори прашања за неисполнетите ветувања во енергетскиот сектор, но и за договорот за електричните броила со ЕВН, за кој, како што посочи, сè уште нема јасен одговор од Министерството и министерката. Бочварски ги посочи и проблемите со гасификацијата, проектот „Чебрен“, цената на електричната енергија и долгот на ЕСМ, прашувајќи што конкретно добиле граѓаните од енергетската политика на Владата по две и пол години власт.
Во продолжение интегрален текст од обраќањето на Бочварски:
Денес на дневен ред е интерпелацијата за министерката за енергетика Божиновска и веднаш сакам да истакнам дека за нас, како опозиција, ова е важна политичка тема, имајќи предвид дека поминаа две и пол години како оваа политичка гарнитура е на власт.
Период во кој реално треба и мора да се видат резултати, како во овој, така и во другите сектори.
Ова го нагласувам посебно затоа што токму ВМРО-ДПМНЕ и те како најавуваше подобрување во секој сегмент на општественото живеење и се случи промената на системот на управување во државната управа, кога практично и се формираше ова Министерство за енергетика, со единствена цел за да може таа тогаш нова Влада да ги испорача резултатите коишто ги вети пред граѓаните.
Лично, при таа промена, сметав дека единствено нешто коешто има некаква логика беше формирањето на Министерството за енергетика, имајќи предвид дека поминавме низ сериозни енергетски предизвици. Секако, во другите министерства можам да кажам дека имаше и многу несвојствени промени коишто се направија преку промената на Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Е сега, кога сме кај формирањето на ова Министерство за енергетика, очекувањата и кај граѓаните беа дека, кога би имало посебен ресор со директен и поголем фокус на енергетиката, ќе се случат одредени подобрувања, поместувања во оваа сфера.
За жал, денеска можеме да констатираме дека добивме министерство кое, како што кажува министерката, нема надлежности за многу прашања. Па затоа и проблемите од енергетиката не ги чувствува како свои, односно ги чувствува како туѓи, на други институции.
ВМРО-ДПМНЕ во програмата, како и во многу сектори во таа предизборна програма во 2024 година, така и во овој сектор ветуваше многу, но по две и пол години реалноста е дека речиси ништо не се исполнило.
Еве, за потсетување, меѓу другото, што ветувавте во овој сектор?
Велите вака: „За остварување на енергетската независност, ВМРО-ДПМНЕ и Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе следните мерки: гасификација на домаќинствата, стопанството и јавниот сектор во Македонија, функционален и ефикасен преносен електроенергетски систем“.
Понатаму, дополнително развивање на системи за топлификација.
За граѓаните ветивте укинување на тарифата за пристап на мрежа. Тоа е од вашата програма и велите вака: „Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го ревидира тарифниот систем за снабдување со електрична енергија и ќе предложи укинување на тарифата за пристап на мрежа“.
Тарифата за пристап до мрежа е новоизмислена давачка од страна на Регулаторната комисија за енергетика, која секој месец ги оптоварува сметките за струја за дополнителни 200 денари плус 18% ДДВ, без разлика на потрошеното количество енергија. И така натаму, и така натаму. Рокот на реализација, велите, дека е крајот на 2024 година, и од оваа работа ништо нема.
Понатаму, пристап до природен гас за секое домаќинство. Ќе овозможиме гасот да биде директно достапен до домаќинствата, индустриските и другите стопански објекти и јавни установи во Македонија.
Со цел дополнително да се забрза процесот на гасификација во населените места кои се наоѓаат на поголемо растојание од магистралните гасоводи, ќе се пристапи кон изградба на складни платформи со природен гас.
А понатаму велите дека за оние пооддалечени места дополнително ќе се организира и превоз со специјални возила, за да има природен гас за потрошувачите.
Се очекува со овие политики намалување на трошоците на граѓаните и другите економски субјекти за затоплување и користење топла вода, како и значајно намалување на загадувањето на воздухот.
Во рамките на оваа мерка се предвидува субвенционирање на приклучокот, дополнително велите, до дистрибутивната мрежа, со цел да овозможиме природен гас за секое домаќинство. И велите, ова ќе се спроведува континуирано, и од оваа политика ништо нема.
Гасификација на ТЕЦ „Неготино“. Со изградба на кракот за гас до ТЕЦ „Неготино“ и преку реализација и модернизација на централата ќе овозможиме продолжување на животниот век на енергетскиот капацитет за најмалку 30 години, при што како погонско гориво би се користел природниот гас.
Рокот на реализација на овој проект, велите, дека ќе биде од 2024 до 2030 година, и од овој проект ништо нема.
Пумпно-акумулациска хидроцентрала „Чебрен“. Откако зазедовте став, револуционерен, против тој проект, којшто во 2023 година конечно дојде до некоја напредна фаза, и рековте дека тој проект треба да се реализира со домашно финансирање, со буџетирање од страна на државата.
На крајот, еве, по две и пол години повторно гледаме дека нема ништо од овој проект, но ќе потсетам дека кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, пред 2017 година, правеше еден куп такви повици за приватен партнер за „Чебрен“ и „Галиште“, но на крајот се покажа дека практично таа политика била грешна, но денеска не гледаме ниту една, ниту со приватен партнер, ниту со државно финансирање за реализација на овој проект.
Понатаму, велите: градба на канал Теново – Козјак. Предвидуваме изградба на тунел за пренасочување на водите од реката Вардар во реката Треска и нивно максимално енергетско користење во трите хидроелектрични централи Козјак, Света Петка и Матка.
Изградба на магистрален гасовод Гостивар – Кичево, магистрален гасовод Свети Николе – Велес, изработка на проект за магистрален гасовод Битола – Ресен – Охрид – Струга. Изградба на крак за ТЕЦ „Неготино“.
Производство, складирање и транспорт на водород. Со цел намалување на емисиите на CO₂ во животната средина, светот и Европската Унија, велите, интензивно преминуваат кон нов незагадувачки енергенс – водород. Се предвидува тие трендови да ги примениме и кај нас.
Најпрво, со донесување на нов закон според европските нормативи, кој ќе го регулира производството и складирањето на водородот како енергенс, ќе направиме напори за отпочнување на производство, како и привлекување на странски инвеститори кои ќе донесат нови технологии за производство и употреба на водород.
Значи, овде може сега странски инвеститори да барате да инвестираат во овој тип на енергенс, но и од таа работа до денеска, еве, по две и пол години, ништо нема.
Ако погледнеме реално наоколу, ќе сфатиме дека во таа програма на ВМРО-ДПМНЕ за 2024 година била една убава читанка, која и оддалеку не се гледа нејзината реализација.
Но, реалноста е нешто сосема спротивно од вашата програма.
Цената на електричната енергија за домаќинствата во вашиот мандат е зголемена, поточно, токму од оваа година, 2026, од 2,45% во првиот блок до 3,84% во четвртиот блок. Дури е зголемена и цената на евтината тарифа.
Она што како политичка партија го отворивме беше прашањето за договорот за електричните броила за ЕВН, тема за која не добивме јасен одговор од Министерството и од министерката.
Понатаму, состојбата во ЕСМ е важно прашање за коешто треба да се добијат јасни одговори.
Дојдовте на власт ветувајќи стабилизација на ова државно претпријатие, а денес гледаме дека токму таму долгот е зголемен за над 17 милиони евра.
Затоа е важно да се излезе и да се најави, да се каже каде се подобрувањата, колку е намален долгот на ЕСМ или, ако е зголемен, зошто тој долг е зголемен по две и пол години власт на ВМРО-ДПМНЕ.
И последно, можеби клучно прашање: што добија граѓаните од вашата енергетска политика?
Добија ли помали сметки за електрична енергија? Добија ли побезбедна енергетска инфраструктура? Добија ли нови проекти кои ќе ја направат Македонија енергетски независна и конкурентна?
До каде е проектот за „Чебрен“, кој го критикувавте како опозиција, а денес сè уште немате одговор? А веројатно не очекувам дека ќе кажете дека правите студии по две и пол години.
Понатаму, добија ли граѓаните и компаниите гасификација за уште еден енергенс, еколошки чист, за употреба и во домаќинствата, но и во компаниите?
Затоа не е доволно да им кажете: „Имаме доволно гориво на нашите бензински станици во пограничните места како Гевгелија, Битола или Струга, и граѓаните од соседните земји доаѓале и точеле гориво во нашата држава, и со тоа сме покажале дека нашето гориво е поевтино“.
Тоа како тренд е десетици години наназад така, и не само сега, туку и во минатото, во пограничните наши градови граѓани од другите земји доаѓале и точеле гориво.
Така беше и во 2022 година, кога започна најголемата енергетска криза во Европа, кога цената, на пример, на природниот гас дојде над 330 евра за мегават-час, а просекот за октомври оваа година, 2026, е 75 евра за мегават-час.
Понатаму, цената на електричната енергија на берзата во 2022 година достигнуваше и 1.000 евра за мегават-час, или во просек 230 евра во 2022 година, а во 2026 година – 112 евра.
И покрај сите овие наведени аргументи, но и многу други за коишто нема доволно време, секако, да се кажат, пратеничката група на СДСМ и опозицијата ќе ја поддржи.
фото/видео СДСМ


