Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Преку реконструкција на споменикот се враќа достоинството на децата бегалци

Град Скопје го врати достоинството на споменикот посветен на децата бегалци во паркот „Жена борец“ посветен на децата бегалци откога го реконструираше и му го врати првобитниот изглед. Со години наназад ова спомен обележје стоеше без плоча и без соодветно обележје поради вандализам, денес споменикот повторно добива внимание како важен дел од историската и колективната меморија на македонскиот народ.

Реконструкцијата ја реализираше Градот Скопје, во рамките на активностите за целосно уредување на паркот „Жена борец“. Со обновата се испраќа порака дека спомен-обележјата не се само дел од урбаниот простор, туку и сведоштва за историските настани, човечките судбини и страдањата што не смеат да бидат заборавени.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски посочи дека обновата е дел од активностите за враќање на спомениците во главниот град во нивната првобитна состојба, нагласувајќи ја нивната улога во зачувувањето на историското наследство и пренесувањето на споменот на идните генерации.

Споменик што сведочи за прекинатото детство

Значењето на ова спомен-обележје ги надминува неговите физички димензии. Тоа е потсетник на трагичните судбини на децата кои прерано биле одвоени од своите домови, семејства и родни огништа, како и на последиците од воените конфликти врз најмладите.

Во колективната меморија на македонскиот народ, децата бегалци од Егејска Македонија заземаат посебно место. Нивната судбина е сведоштво за загубата на домот и прекинот на детството, но и за трајната поврзаност со родниот крај.

Токму затоа, обновата на споменикот претставува и потсетување на обврската историското наследство да се чува и да им се пренесува на младите генерации. Неговото повторно уредување значи зачувување на едно важно сведоштво за минатото, но и создавање услови тоа да остане видливо и достапно за идните посетители на Скопје.

Откриен во 1988 година, како трајно сведоштво за судбината на децата

Споменикот на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија бил свечено откриен на 30 јуни 1988 година во Скопје, на денот кога започнала Првата светска средба на децата бегалци. Настанот, кој траел до 4 јули истата година, собрал илјадници луѓе кои како деца биле прогонети од своите домови за време на Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година.

Спомен-обележјето било поставено во паркот „Жена борец“, на централна локација спроти Собранието, со цел споменот на нивната судбина да остане видлив и трајно присутен во јавниот простор.

На предната страна на бетонскиот споменик првично била поставена бакарна релјефна плоча на која е прикажана мајка со три мали деца во бегство. Релјефот ја симболизира мајчинската љубов, болката од разделбата и трагедијата на децата кои биле принудени да ги напуштат своите домови. Според историските податоци наведени за споменикот, станува збор за околу 28.000 прогонети деца, најголем дел Македонци, кои биле раселени во земји од Источна Европа и прекуокеанските земји.

Под релјефот се наоѓала и мермерна плоча со порака што го одбележувала споменикот како траен паметник на прекинатото детство и егзодусот. Неговата симболика и денес потсетува на потребата ваквите трагедии никогаш да не се повторат.

„Жена борец“ добива целосно нов изглед

Реконструкцијата на споменикот се реализира паралелно со темелното обновување на паркот „Жена борец“, едно од препознатливите катчиња во центарот на Скопје.

Проектот опфаќа обновување на пешачките патеки, партерно и хортикултурно уредување, како и реконструкција на урбаната опрема. Предвидена е замена на постојните подни плочки и пешачки патеки со мермерни, реставрација на урбаната опрема и поставување нови клупи и корпи за отпадоци.

Активностите ги опфаќаат и скалите, деловите околу Градскиот трговски центар и друга дотраена инфраструктура во непосредната околина на паркот.

Со обновувањето на спомен-обележјето и уредувањето на целиот простор, „Жена борец“ треба да добие нов, современ изглед, а истовремено да ја зачува својата историска вредност. Целта е паркот да биде поуреден и функционален простор за граѓаните, во кој споменот на минатото ќе продолжи да живее и да им биде пренесуван на идните генерации.