Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Ние со Христијан Мицкоски ќе останеме без нација, вели Филипче

Со Христијан Мицкоски државата ќе остане без нација, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју на Аласат ТВ. Филипче укажа дека Македонија се соочува со сериозни економски проблеми, ниски плати и сè поголем број граѓани кои бараат подобра иднина надвор од државата. Наместо да создава услови за достоинствен живот, Владата на Мицкоски ги остава граѓаните сами, без поддршка да се справуваат со растечките трошоци и ниски плати.

„Катастрофална е состојбата и за некои категории на граѓани е неиздржлива. Економијата, Христијан Мицкоски и оваа влада ја водат во бездна. Огромен број бараат работа во Европа и бараат да извадат од економски причини, бугарски пасоши. Ние со Христијан Мицкоски ќе останеме без нација, тоа ќе се случи. Кој може да живее со ваква минимална плата“, рече Филипче.

Тој додаде дека последиците од лошите економски политики на власта најдобро на свој грб ги чувствуваат граѓаните во секојдневниот живот, кои сè потешко ги покриваат основните потреби.

„Не можат да врзат крај со крај, граѓаните не можат да живеат од лошите економски политики на Христијан Мицкоски. Не можат месецот да го поминат. Празни се паричниците, празни се фрижидерите. Луѓето гладуваат. Не може да не им се излезе во пресрет вака како што владее Христијан Мицкоски, ниту знае економски да ја менаџира државата, ниту има чувство како се менаџира мултиетничка држава, тој е заинтересиран само за неговите интереси“, рече Филипче.

Во интервјуто, Филипче посочи дека сите граѓаните се погодени од лошите политики на власта, посочувајќи и на земјоделците, на кои власта им ветуваше сигурен откуп и зголемени субвенции, а сега ги остави сами да се справуваат со проблемите.

„Зошто не им даде пари на земјоделците? Зошто не ги зголеми откупните цени? Зошто не ги зголеми субвенциите? Догодина нема да има земјоделство. Знаете дека догодина нема да има сточарство? Знаете дека нема да има лозови насади? Затоа што ќе им скапе грозјето како сега на нивите“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ потсети дека Владата ги одби сите предлози на СДСМ за подобрување на животниот стандард, вклучително и предлогот за минимална плата од 600 евра.

„Ги одбиваат сите предлог-мерки за подобрување на стандардот на граѓаните. По трет пат го одбија нашиот предлог да се зголеми минималната плата на 600 евра. Повеќе од три минимални сегашни плати се потребни за едно семејство да ја наполни потрошувачката кошничка“, рече Филипче.