Centar.mk
фото Собрание на РСМ
-МАКЕДОНИЈА

Собраниска дискусија за зајакнување на независноста и надлежностите на Народниот правобранител

Денеска во Собранието се одржа дискусија за предлог-измените и дополнувањата на Законот за народниот правобранител, со фокус на зајакнувањето на независноста, функционалноста и институционалниот капацитет на Народниот правобранител, како предуслови за поефикасна заштита на човековите и граѓанските права.

На отворањето на дискусијата, претседателот на Собранието, Африм Гаши, истакна дека Народниот правобранител претставува значаен институционален механизам за заштита на уставните и законските права на граѓаните, особено кога тие се повредени од органите на државната управа и другите носители на јавни овластувања. Тој нагласи дека предложените законски измени треба да придонесат за зајакнување на надлежностите, независноста и интегритетот на институцијата, како и за поефикасна заштита на човековите права и слободи. Притоа, посочи дека придонесот на институциите, меѓународните партнери, експертите и граѓанското општество, е важен за донесување квалитетни и применливи законски решенија во интерес на граѓаните.

Народниот правобранител, Фатон Сељами, посочи дека силна и независна институција Народен правобранител е показател за демократската зрелост на едно општество. Тој нагласи дека предложените измени се насочени кон унапредување на независноста, финансиската и кадровската самостојност, како и зајакнување на институционалниот капацитет, со цел да се обезбеди функционално и одржливо работење во пракса.

Амбасадорот и шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, истакна дека обврските на ОБСЕ ја утврдуваат независната и ефикасна институција Народен правобранител како еден од темелите на демократското владеење и владеењето на правото. Таа претставува суштинска гаранција за заштита на човековите права, им овозможува на граѓаните да бараат заштита и правна разрешница кога нивните права се повредени и придонесува за отчетноста на јавните институции.

Амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Михалис Рокас, нагласи дека зајакнувањето на институцијата Народен правобранител е важен дел од европскиот пат на земјата. Тој посочи дека законските измени се клучни не само за институционалното унапредување, туку и за реформите во областа на човековите права, нагласувајќи дека силата на демократијата се покажува преку заштитата што им ја обезбедува на граѓаните кога нивните права се повредени.

Постојаната координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Рита Колумбија, ја истакна важноста од воспоставување ефикасна и независна институција што ќе обезбеди соодветна заштита на правата на граѓаните. Како клучни приоритети ги посочи независноста, инклузивноста, достапноста, зајакнувањето на учеството на граѓаните и отчетноста.

Дискусијата продолжува со тематска сесија посветена на клучните предложени измени на Законот за народниот правобранител, со фокус на финансиската независност, плурализмот, функционалната независност и надлежностите на институцијата. На сесијата ќе имаат излагања претставници на релевантни институции и експерти од соодветните области.

По завршувањето на дискусијата се очекува усвојување заклучоци за унапредување на законската рамка и зајакнување на институцијата Народен правобранител.

фото Собрание на РСМ