Centar.mk
фото МВР / извор: https://mvr.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/novosti/ministerstvoto-za-vnatresni-raboti-i-crveniot-krst-so-zaednicka-obuka-za-pogolema-podgotvenost-na-policiskite-sluzbenici-za-postapuvanje-vo-itni-i-krizni-situacii#gallerymain-4
МАКЕДОНИЈА

Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст со заедничка обука за поголема подготвеност на полициските службеници за постапување во итни и кризни ситуации

Во тренинг-центарот „Солферино“ во Струга, во организација на Секторот за полициски работи од општа надлежност (СПРОН) при Одделот за униформирана полиција, во соработка со Црвениот крст, се одржа обука за демонстратори за укажување прва помош и прва психолошка помош, наменета за униформирани полициски службеници од сите сектори за внатрешни работи.

Обуката има за цел унапредување на знаењата и практичните вештини на полициските службеници за навремено, правилно и ефикасно реагирање во итни, вонредни и кризни ситуации, кога брзата и соодветна реакција може да биде од пресудно значење за заштита на човечкиот живот и здравје.

Преку теоретска настава, практични демонстрации и интерактивни активности, учесниците ги надградуваат своите знаења за основните постапки за укажување прва помош, правилно постапување со повредени лица до пристигнувањето на медицинските екипи, како и за обезбедување првична психолошка поддршка на лица погодени од стресни и трауматски настани.

Полициските службеници кои ја посетуваат обуката ќе имаат улога на демонстратори и обучувачи, кои стекнатите знаења и вештини во наредниот период ќе ги пренесуваат на своите колеги во организациските единици на сите сектори за внатрешни работи. На овој начин ќе се овозможи континуирана едукација, примена на унифицирани постапки и дополнително зајакнување на оперативната подготвеност на униформираната полиција.

Оваа активност претставува продолжување на успешната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст, со посебен акцент на подготвеноста на полициските службеници, кои честопати се меѓу првите што пристигнуваат на местото на несреќа или кризен настан. Нивната способност за брзо реагирање, укажување прва помош и обезбедување психолошка поддршка е од исклучително значење за безбедноста на граѓаните и заштитата на нивните колеги.

Преку ваквите заеднички активности, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст ја потврдуваат заложбата за континуирано унапредување на професионалните капацитети на полициските службеници, зајакнување на меѓуинституционалната соработка и обезбедување поефикасно, похумано и професионално постапување во ситуации кога човечкиот живот и здравје се најзагрозени.

фото МВР / извор: https://mvr.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/novosti/ministerstvoto-za-vnatresni-raboti-i-crveniot-krst-so-zaednicka-obuka-za-pogolema-podgotvenost-na-policiskite-sluzbenici-za-postapuvanje-vo-itni-i-krizni-situacii#gallerymain-4