Centar.mk
фото: Министерство за образование и наука
-МАКЕДОНИЈА

Јаневска во Брисел: ја стимулиравме националната научно – истражувачка дејност, сега работиме на регионално и глобално поврзување

Направивме многу за да ја раздвижиме научно – истражувачката дејност на национално ниво. Главно постигнување е тоа што од индивидуални иновациски иницијативи, направивме добро организиран национален иновациски екосистем. За краток период двојно го зголемивме буџетот за наука, воспоставивме нова стратешка рамка и подготвивме нови законски решенија, а ја модернизиравме и националната истражувачка инфраструктура. Сега сме ориентирани кон поврзување со регионалните и глобалните истражувачки мрежи.

Ова го нагласи министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешниот министерски состанок на Управувачката платформа за истражување и иновации за Западен Балкан што се одржува во Брисел, во организација на Европската комисија.

„Формиравме Национален совет за иновации, претприемништво и технолошки развој, кој е одговорен за координација на националните активности и иницијативи, а основавме и посебна Агенција за иновации, научно – технолошки развој и претприемништво, која ќе го олесни пристапот до средства и услуги за компаниите, истражувачите и иноваторите“, рече Јаневска.

Информираше дека Македонија има 7 центри за трансфер на технологии, 5 технолошки инкубатори и еден приватен научно-технолошки парк, а во процес на основање се виртуелен научно – технолошки парк и првиот технолошки парк под целосна надлежност на државата. Јаневска додаде и дека проектот ВЕЗИЛКА пак е првата национална контактна точка во европската мрежа на фабрики за вештачка интелигенција.

„Тековен главен фокус е намалување на одливот на мозоци и создавање услови за задржување на младите истражувачи во земјата каде се очекува да го реализираат својот личен потенцијал“, рече министерката, потенцирајќи дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со слични предизвици во областа на науката и истражувањето и идентични можности за подеднакво да придонесат кон регионално справување со истите.

„Имаме национални стратегии за паметна специјализација и заедно со Планот за раст и реформска агенда сметам дека се најважните документи чие исполнување дополнително во голема мера ќе ја стимулира науката и истражувачката дејност на регионот, но и ќе ја зголеми продуктивноста и економскиот раст на сите земји од Западен Балкан“, додаде Јаневска.
Заедно со повеќе министри за образование и наука од регионот, Јаневска учествуваше во дебата за креирање политики насочени кон поддршка на иновации и дебата за добри практики во истражувањето, а подоцна во текот на денот ќе оствари и билатерална средба со европската комесарка за стартапи, истражување и иновации, Екатерина Захариева.

фото: Министерство за образование и наука