Centar.mk
фото: ЗМАИ
-МАКЕДОНИЈА

20 млади го презедоа микрофонот: осум подкасти и 12 видеоприказни за европската иднина

Преку „Y4G – Youth for Growth“, младите самите ги отворија прашањата за образованието, вработувањето и можностите што ги носи европската интеграција.

Скопје, 21 октомври 2026 година – Европската интеграција не е само прашање на преговори и институции. За младите таа значи и поквалитетно образование, подобри можности за работа и шанса својата иднина да ја градат тука. Токму овие прашања беа во фокусот на 20 млади учесници во проектот „Y4G – Youth for Growth“, кои со поддршка од ЗМАИ создадоа осум подкаст-епизоди и 12 кратки видеорепортажи.

Наместо само да слушаат што другите мислат за нивната иднина, младите добија можност самите да истражуваат, да поставуваат прашања и да раскажуваат приказни од сопствена перспектива. Со поддршка од ментори, тие учеа како се проверуваат информации, како се води интервју и како сложените европски теми можат да станат јасни, интересни и блиски до нивната генерација.

Нивниот труд беше одбележан денеска во Europe House Скопје, каде што ЗМАИ им додели сертификати на учесниците во програмата „Youth EU Media Apprenticeship Programme“. Зад секој подкаст и видеоприлог стојат истражување, тимска работа и практично искуство во создавањето медиумски содржини од јавен интерес.

На настанот се обратија извршниот директор на ЗМАИ, Виктор Митевски, амбасадорот на Шведска во Северна Македонија, Ола Солстром, и проектната менаџерка на UNOPS во Северна Македонија, Ермира Решиди. Посебно место имаше разговорот со самите учесници за тоа како тие го гледаат европскиот пат на земјата и што очекуваат од него.

Според Виктор Митевски, младите можат и ни покажуваат како некогаш комплицираните европски процеси можат да бидат симплифицирани, ставени во контекст и презентирани на начин којшто е близок и разбирлив за новата генерација. На крајот на денот, тие се генерацијата која најсилно ќе ги осети и искуси бенефитите од полноправното членство на Северна Македонија во Европската Унија.

“Шведска останува посветен партнер и еден од најголемите поддржувачи на Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија. Преку оваа програма и бројни други иницијативи, поддржуваме реформи што носат трајни промени и видливи придобивки во секојдневниот живот на граѓаните. Вложувањето во младите е стратешки дел од ова партнерство, бидејќи нивното знаење, критичко размислување и активно учество се клучни за демократскиот развој и европската иднина на земјата“, изјави амбасадорот на Шведска, Ола Солстром.

„Иако европската иднина понекогаш изгледа далечна, таа станува блиска и значајна за младите кога придонесува за поквалитетно образование, подобри можности за работа и професионален развој.  Затоа е важно младите да имаат глас и можност активно да ги обликуваат реформите што водат кон таа иднина“, истакна Ермира Решиди, проектна менаџерка на проектот „Поддршка на европската интеграција на Северна Македонија“, спроведуван од УНОПС.

Со „Youth for Growth“, ЗМАИ покажува дека разговорот за Европа станува порелевантен кога во него активно учествуваат оние на кои им се однесува иднината. Програмата им даде на младите не само нови вештини, туку и простор нивниот глас да биде слушнат во јавната дебата.

Настанот беше организиран со финансиска поддршка од Шведска, преку проектот „Поддршка на европската интеграција на Северна Македонија“, спроведуван од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (UNOPS).

 

Содржината на овој текст е единствена одговорност на ЗМАИ и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и UNOPS.

 

фото: ЗМАИ