Украинскиот оператор на електропреносниот систем „Укренерго“ соопшти дека руските напади предизвикале прекини во снабдувањето со електрична енергија во дванаесет региони. Меѓу погодените се Лавов, Одеса, Ривне, Тернопил, Харков, Суми, Чернигов и други области. Поради оштетувањата на инфраструктурата, најавени се ограничувања на потрошувачката кај индустриските корисници и распоредени прекини во дел од населбите.
Во текот на попладнето градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека бил погоден и енергетски објект во главниот град. Првично не беа објавени детални информации за обемот на штетата на тој објект.
Новите напади дополнително го отежнуваат функционирањето на украинскиот енергетски систем во пресрет на зимата. Надлежните служби работат на поправки, но предупредуваат дека обновувањето на електричната мрежа зависи од степенот на оштетувањето и можностите за безбедна интервенција.


