Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Кузеска: ВМРО-ОКГ ги објави резултатите од болните во Брвеница пред да се отворат кутиите, истите методи од Груевски

Прес конференција на СДСМ, Богданка Кузеска, портпаролка и членка на Извршниот одбор:

На 17 октомври гласаа болните и изнемоштените во Брвеница. 85 од 88. Веднаш по гласањето, во сабота, на социјалните мрежи профилите на ВМРО-ОКГ ги поделија бројките.

Веднаш по затворањето на избирачките места, ВМРО-Орбан порталот „Република“ ги објави истите резултати: 50 гласа за нивниот кандидат, 20 за ВЛЕН, 15 за ДУИ, нула за СДСМ.

Бројките се точни со објавите на страниците на ВМРО.

Како знаеле ден порано?

Болните и немоќните гласаат дома, во присуство на комисија. Кутиите се затвораат. Се носат. Се отвораат на денот на изборите, заедно со гласовите од избирачките места. Не се бројат претходниот ден. Не се објавуваат претходниот ден. Освен ако некој веќе “знае” што има внатре.
Оттука СДСМ нула. Лесно е кога некој има пристап до гласачките ливчиња.

Ова не се „неофицијални податоци“. Ова е признание. Знаеле што има во запечатените кутии пред да се отворат и пред официјалното броење на комисијата.

Во „бомбите“ од 2015 година се слушаше токму тоа: влечење за уши, човечиња фатени за рака што ги водат да гласаат, контрола на ранливи групи, субвенции условени со глас.

Тогаш системот на Груевски го правеше тоа отворено. Сега, под арамијата Мицкоски, истиот систем работи само под радар. Знаат што има во кутијата пред да се отвори.

Мицкоски ја претвори својата партија во сопствено царство. Ги укина сите потпретседатели. Сега ги презема сите техники на владеење на Груевски. Менторот го постави ученикот.

Затоа СДСМ не сака да го прифати изборниот грабеж кој ВМРО-ОКГ го спрема со законот по моделот на Груевски, со кој сака да овозможи изборна манипулација со гласовите од дијаспората. Гласање без контрола. Гласање по пошта. Електронско гласање.

Не прифаќаме ништо што не е во согласност со препораките на ЕУ и ОДИХР – истрага на купување гласови, притисок врз гласачи, злоупотреба на јавни ресурси, транспарентност и контрола. Не гласање без контрола.

СДСМ бара обвинителство веднаш да спроведе истрага. Како е можно да се знаат гласовите од запечатените кутии што се отвораат во исто време со гласовите од избирачките места? Бараме одговорност. Бараме да се види кој ги отворил кутиите, кој ги броел на „ВМРО начин“ и кој го пратил бројот да се објави јавно пред да стигне до комисијата.

Ова е доказ како работи организираната криминална група. Истите методи од Груевски. Кутиите се отвораат уште во сабота. Гласовите ги штелуваат како анкетите. Истата банда. Само шефот е сменет.

Народот гледа.