Два одделни пожари во текот на ноќта биле регистрирани во Скопје, при што биле зафатени вкупно четири патнички возила. Инцидентите се случиле во Ѓорче Петров и во општина Аеродром, а според информациите од полицијата, повредени лица нема.
Првиот пожар бил пријавен на 14 октомври околу 22:35 часот на подрачјето на Ѓорче Петров. Огнот зафатил патничко возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на 28-годишник од Скопје, како и патничко возило „рено“, исто така со скопски регистарски ознаки, сопственост на 47-годишен скопјанец. Пожарот бил изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита Скопје.
Само неколку часа подоцна, на 15 октомври околу 02:55 часот, бил пријавен уште еден пожар, овојпат на подрачјето на општина Аеродром. Во него целосно било опожарено патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице и паркирано од 43-годишен скопјанец. Огнот зафатил и „опел астра“, сопственост на друг 43-годишник од Скопје. И овој пожар бил изгаснат од скопските пожарникари, а повредени нема.
Полицијата презема мерки за расчистување на двата случаи и утврдување на причините за пожарите.


