Соопштение на Левица:
МАНУ е најзначајната научна институција во државата, но сè повеќе наликува на уште една институција ставена во функција на партиските интереси на ДПМНЕ. На нејзино чело е директорот Живко Попов, татко на пратеникот на ДПМНЕ, Сергеј Попов. Кога ќе се погледнат јавните набавки, неизбежно се наметнува прашањето: чии интереси штити и спроведува раководството на МАНУ, одобрувајќи и оправдувајќи спорни и необјасниви постапки за јавни набавки? Дали некој преку јавните институции им ги отплаќа долговите и им ги обезбедува фотелјите на своите деца и роднини?
Левица отвора серија објави за спорните јавни набавки во МАНУ, поткрепени со договори, финансиски податоци и споредби од Електронскиот систем за јавни набавки. Започнуваме со сметководствените услуги: договор од речиси 6 милиони денари со ДДВ за две години, односно речиси 3 милиони денари годишно, за кој е доставена само една понуда.
МАНУ плаќа речиси 3 милиони денари годишно за овие услуги, иако истиот економски оператор на ЈСП му наплаќа околу 1,57 милиони денари годишно. Разликата е 1,38 милиони денари годишно, односно 87,7 % повисока цена за МАНУ! А ЈСП во 2025 година остварило приходи од речиси 1,96 милијарди денари, повеќе од деветпати над приходите на МАНУ.
Споредбата со Агенцијата за филм е уште позагрижувачка: со приближно споредлив буџет, таа плаќа 654.900 денари годишно за сметководствени услуги – над 4,5 пати помалку од годишната цена на МАНУ.
Дополнително, техничката спецификација предвидува едно стручно лице да работи во просториите на МАНУ најмалку пет дена неделно, по осум часа дневно, а уште две лица да работат за МАНУ во просториите на надворешниот оператор. Во исто време, МАНУ има сопствен Оддел за финансиски прашања, со систематизирани работни места за раководител на Одделот, соработник за буџетска координација и контрола, финансиски сметководител, материјален сметководител и благајник.
Зошто тогаш се ангажира надворешна компанија за дополнителни средства, и тоа со цена речиси двојно повисока од онаа што истиот оператор ја наплаќа од ЈСП? Со оваа набавка сметководствената функција се финансира двапати – преку постојано вработениот кадар и преку надворешен оператор.
Најинтересно од сѐ, сопственичката на ангажираната компанија претходно била директорка за финансии и сметководство во ЈП „Водовод и канализација“, како и помошник-директорка за финансии и членка на Управниот одбор на ЈП „Паркови и зеленило“. Денес, нејзината компанија склучува милионски договори со јавни институции, вклучително и договорот со МАНУ, чија годишна цена драстично отстапува од цените што истиот оператор ги наплаќа за споредливи услуги.
Левица бара Државниот завод за ревизија да ја испита економичноста, оправданоста и законитоста на оваа набавка, вклучително и проценетата вредност, пазарното истражување, критериумите за избор и разграничувањето на обврските меѓу вработените во МАНУ и надворешниот оператор. Доколку се утврдат индиции за незаконско постапување, предметот треба да биде доставен до Јавното обвинителство за испитување на евентуалната одговорност на сите инволвирани лица.
Во наредните денови Левица ќе ги објави и останатите спорни јавни набавки во МАНУ, за кои раководството ќе мора да даде одговори.


