Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска, беше во работна посета на Белград. Таму оствари средба со министерот за здравство на Република Србија, д-р Златибор Лончар и го посети Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКЦС).
На почеток на средбата со министерот Лончар, Клековски се заблагодари за помошта што Србија ја пружи од првите часови по трагедијата во Кочани. Двајцата министри разговараа за натамошното лекување на повредените од Кочани во српските здравствени установи, според претходната иницијатива.
Во фокусот на средбата беше соработката со референтните институции во Србија за високоспецијализирана здравствена заштита и зајакнувањето на капацитетите во Македонија, преку:
• упатување на лекување и високоспецијализирана помош за сложени состојби;
• второ мислење и стручни консултации со заеднички стручни тимови за сложени случаи;
• партнерства меѓу референтните центри во Србија и клиниките во Македонија — практична обука, стручни престои и менторство на клиничките тимови.
Министрите разговараа и за дигитализацијата и интероперабилноста на здравствените информациски системи, со интеграција на податоците од јавниот и приватниот сектор. Србија го користи и системот „Мој термин“, кој е развиен во Македонија.
Во Универзитетскиот клинички центар на Србија, најголемата здравствена установа во Србија, министерот Клековски се сретна со в.д. директорката, проф. д-р Јелена Друловиќ.
На средбата стана збор за можностите за соработка меѓу УКЦС и универзитетските клиники во Скопје, за упатување на пациенти со сложени состојби, заеднички стручни консултации и стручни престои за македонските клинички тимови. Разговараа и за организациски прашања, а потоа ја посетија Клиниката за неврологија, со фокус на згрижување на лицата со мозочни удари и Центарот за мултипла склероза.
„Целта не е нашите пациенти да патуваат подалеку, туку знаењето да дојде поблиску. Тоа што денес за сложените случаи го бараме надвор, со заеднички тимови, обуки и менторство утре треба да го имаме дома“, изјави министерот Клековски.
Министерот Клековски во текот на посетата беше придружуван од амбасадорот на Македонија во Србија, Никола Тупанчевски
фото Министерство за здравство


