Заменик-претседателот на Владата Александар Николоски е во работна посета на Црна Гора, каде денеска оствари средба со претседателот на Владата на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Во фокусот на средбата беа унапредувањето на политичките и економски односи, регионалниот развој и евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан.
Од средбата беше испратена јасна порака дека Македонија и Црна Гора се блиски партнери и во периодот пред нас двете земји уште посилно ќе соработуваат, особено во делот на економијата и европската интеграција.
Посебен акцент се стави на можностите за зголемување на трговската размена и унапредување на економските врски меѓу двете земји, како и на подобрување на транспортната и воздушната поврзаност.
Николоски истакна дека Владата посветено работи на регионалното поврзување како развојна политика. Подобрата инфраструктурна поврзаност, модерните патишта и железници и полесен проток на луѓе и добра се клучни за отворање нови пазари, привлекување инвестиции и создавање подобри услови за економски раст.
Соговорниците разговараа и за европската перспектива на регионот, при што беше нагласено дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Беше потенцирана потребата од меѓусебна соработка на земјите од регионот како дополнителен поттик за забрзување на реформите.
На политички план, се разговараше за актуелните состојби во Западен Балкан, регионалната стабилност и безбедност, како и за потребата од зајакнување на координацијата и заедничкиот настап на земјите од регионот пред европските партнери.
Беше оценето дека постојат значителни неискористени потенцијали кои треба да се претворат во конкретни резултати и во таа насока беше заклучено дека Македонија и Црна Гора остануваат посветени на градење силно партнерство, со повеќе инвестиции, подобра поврзаност и економска размена и побрза европска интеграција на регионот.
фото Министерство за транспорт


