Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Сиљановска-Давкова на одбележувањето на 25 години СОС Детско село

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, се обрати на одбележувањето на 25-годишнината од постоењето и работата на СОС Детско село во Македонија, во Македонскиот народен театар во Скопје.

Во обраќањето, таа ги потсети возрасните на обврската да се грижат за децата и да бидат со нив и до нив, не оставајќи ги сами кога им е тешко и кога се среќни.

„Домот е мала оаза на мир, емоционално прибежиште, првата заедница во која ја учиме најважната животна лекција: дека неслучајно сме тука и дека секое дете има своја мисија во животот. За многу, многу деца и млади, токму ваков дом беше, е и ќе биде СОС Детско село“, истакна Сиљановска-Давкова.

Навраќајќи се на 25-годишната работа на организацијата, таа ги детектираше видливите успеси во превенцијата, зајакнувањето на семејствата и заштитата на децата, како и улогата на згрижувачите, како најблиски до децата.

Охрабрувајќи ги да ја продолжат благородната мисија, Сиљановска-Давкова укажа дека децата никогаш нема да ги заборават добриот збор, подадената рака и утеха на добрите луѓе.

„Дозволете ми, да ви го честитам јубилејот, да ви ги честитам 25-те години СОС Детско село, прекрасно село, убедена дека вложувањето во децата е вложување во нивната, ама и во нашата иднина“, порача претседателката.

Јубилејната програма преку видео-проекции, сценски и музички изведби, лични приказни и доделување признанија ја претстави 25-годишната мисија на организацијата, нејзините резултати и значењето на згрижувачите, младите, институциите, компаниите, здруженијата и партнерите во создавањето широка мрежа на поддршка за децата и семејствата.

СОС Детско село е дел од меѓународната мрежа на СОС Детски села, посветена на заштитата и унапредувањето на правата на децата, поддршката на децата и младите без родителска грижа и на оние кои се во ризик да ја загубат грижата од своите родители.

Во продолжение е обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова:

Почитувани,
Прашувам: Што му должиме на едно дете?

Во „Светот на Софија“, една прекрасна книга напишана од еден норвешки филозоф, автор на повеќе книги, Јустејн Гордер, започнува дијалог со малата Софија, поставувајќи ѝ едноставни, но длабоки филозофски прашања: „Која си?“, „Од каде си“, „Зошто си тука“, „Од каде потекнува светот?“

Одговорот е познат. Тука сме заради: љубов, внимание, почит, сигурност, сочувство, образование. Сите ние возрасните сме должни кај децата да создадеме чувство дека не се сами, дека се сигурни, дека можат да мечтаат, дека можат да креираат, дека можат да го откриваат светот и да си го бараат своето место во него.

Ќе потсетам на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето којашто вели: „секое дете има право на заштита, на развој, на семејна средина и на достоинство. Овие права добиваат вистинска смисла тогаш кога од принципите запишани во документите, ќе станат реалност во секојдневието.

Домот е првиот простор, што го чувствуваме како свое катче, како прозорец низ кој детето гледа во хоризонтот. Домот не е само куќа ниту покрив над главата, туку место во коешто ги учиме лекциите за блискост, за припадност, за доверба, каде што се радуваме на првиот збор на децата, каде што ги придржуваме да не паднат или тие нас, каде што нè охрабруваат и охрабруваме да станат кога ќе паднат. Домот си е една мала оаза на мирот, емоционално прибежиште, првата заедница во која ја учиме најважната животна лекција: дека сме тука неслучајно, дека не сме сами, дека секогаш ќе има некој покрај нас, кој ќе ни помогне да се соочиме со искушенијата. За многу, многу, деца и млади, токму ваков дом беше, е и ќе биде СОС Детско село.

Денеска одбележуваме не само 25 години постоење,, туку четврт век посветен на една важна животна вистина: „За да порасне едно дете, потребно е цело село.“ Потребни се семејства, потребни се згрижувачи, потребни се професионалци, потребни се одговорни организации, хумани донатори, блиски пријатели, различни луѓе поврзани со знаење, искуство, хуманост, посветеност, љубов. Тогаш едно дете ќе може да расте, да твори и без страв да може да си ги поместува границите на можното, што ќе стане понекогаш и кога е неможно, можно ќе стане.

Сите знаат дека СОС Детско село активно работи на превенцијата и на зајакнувањето на семејствата и заштитата на децата. Јавна тајна е дека советувалиштата за родители и деца, се борат семејствата да останат заедно секогаш кога тоа е можно. Зошто? Во најдобар интерес на децата.

Кога, семејната средина напати не може да се зачува, алтернативната грижа станува нова можност. Тука се големите мајки и татковци, во улога на загрижени родители. Тие не обезбедуваат само грижа, тие му помагаат на детето да има свој живот, да ги надминува проблемите и тешкотиите, да ги пребродува загубите и смело да продолжи да ја пишува својата животна приказна.

Импресивен е за мене фактот што во изминатите 25 години СОС Детско село им помогнало на повеќе од 6.000 деца и млади. Секој од нив има своја уникатна, оригинална приказна, свој микро космос. Таа приказна започнала можеби во неизвесност,во загуба, можеби во амбиент на страв, но продолжила во потрага по сопствените соништа и во потрага по живот по сопствена мерка каков што децата заслужуваат. Овие деца, денес се самостојни, успешни и реализирани личности, лекари, професори, инженери, правници, претприемачи, одговорни родители кои научиле што значи љубовта.

Да ве потсетам вас возразните на една умна филозофка, Хана Арент, која човечката способност за почеток ја поврзува со самото раѓање верувајќи дека секој нов човечки живот носи нешто дотогаш што не постоело. Секој млад човек понекогаш не е само ранливо суштество со многу желби и идеи, но не и можности да ги реализира, туку личност што треба да се заштити, да се почитува. Зошто? Заради неповторливиот потенцијал што го поседува секој од нас. И го знаел тоа и кога бил дете и кога растел и кога созреал, кога станал родител.

Не случајно, според членовите 40 и 42 од македонскиот Устав, и државата има обврска кон семејството, децата и малолетните лица, а особено кон децата без родители и родителска грижа.

Сите ние овде возрасните имаме човечка, родителска и професионална обврска да им помогнеме не само на нашите, туку и на сите деца во градењето среќен детски живот, што ќе го помнат при соочувањето со проблемите, неуморно чекорејќи кон успехот во потрага по своето место во општеството.

Јас навистина од срце ве охрабрувам да ја продолжите оваа прекрасна благородна мисија, со желба и уверување дека децата на кои им помагате, никогаш нема да го заборават вашиот и нашиот драгоцен влог во нивното растење и во нивното формирање како личности.

Дозволете ми, да ви го честитам јубилејот, да ви ги честитам 25-те години СОС Детско село, прекрасно село, убедена дека вложувањето во децата е вложување во нивната, ама и во нашата иднина.

Ви благодарам.

фото Претседателски кабинет