Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Холандската поддршка е значајна за европската интеграција на земјата

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, и пратениците Иванка Василевска и Игор Здравевски се сретнаа со холандска делегација, предводена од Хелен Бакер, заменик-министерка за надворешни работи на Кралството Холандија и генерална директорка за европска соработка при Министерството за надворешни работи на Холандија.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, изрази благодарност за континуираната поддршка од Кралството Холандија за нашата земја на патот кон членството во Европската Унија.

Во фокусот на разговорите беа процесот на европската интеграција и исполнувањето на Копенхагенските критериуми, со посебен акцент на владеењето на правото, независните медиуми, заштитата на ранливите категории граѓани и обезбедувањето независно судство.

Соговорниците разменија мислења и за безбедносната состојба во Европската Унија, Планот за раст за Западен Балкан, како и за можностите и придобивките од заедничкиот европски пазар.

На средбата беше потврдена важноста од продолжување на соработката и размената на искуства во процесот на европската интеграција, како и од понатамошната поддршка за реформите насочени кон усогласување на земјата со европските стандарди.

фото Собрание