Centar.mk
илустративна фотографија генерирана со вештачка интилегенција за потребите на Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Десет години без Светлана Антоновска, втемелувачот на современата македонска статистика

Денес се навршуваат десет години од смртта на Светлана Антоновска, втемелувачката на современата македонска статистика и првата директорка на Државниот завод за статистика по осамостојувањето на Македонија. Нејзиниот влог во изградбата на професионална, меѓународно призната статистичка служба е дел од институционалното осамостојување на државата.

Под нејзино раководство, трансформацијата на Заводот започна во 1992 година, во услови на длабоки економски и општествени промени. Во почетокот, со ограничена надворешна стручна и техничка помош, тимот се потпираше врз сопственото знаење, искуство и стручната литература. Требаше да се воспостават нови статистички истражувања, да се осовременат методологиите и да се обезбедат податоци споредливи со европските. Веродостојната слика за населението, стопанството и животниот стандард беше неопходна за независна Македонија самостојно да го планира својот развој и да ги согледува последиците од транзицијата.

Особено место во нејзиното дело има Пописот на населението, домаќинствата и становите од 1994 година, првиот по осамостојувањето. Во сложени политички околности, Антоновска имаше клучна улога во неговото спроведување според меѓународни стандарди и со меѓународен мониторинг. Неговата успешна реализација ја зајакна довербата во македонската статистика и создаде основа за поинтензивна меѓународна соработка.

Патот кон европската статистичка заедница бараше знаење, упорност и дипломатска умешност. Зад договорите и програмите стоеја бројни иницијативи, преписки и средби, како и решеност да се продолжи и по првичните одбивања. Учеството во Конференцијата на европските статистичари од 1993 година, Заедничката декларација за статистичка соработка со Евростат и вклучувањето во програмата ФАРЕ во 1996 година беа значајни чекори во тој процес. Во модернизацијата придонесе и соработката со статистичките институции од ЕУ и САД, вклучително и статистичките институции на Данска и Финска преку проектот од 1997 до 1999 година, насочен кон деловните статистики и кон подобрувањето на објавувањето и достапноста на податоците.

За натамошниот развој беше изработен стратешки план за период од пет до седум години, со стручна и техничка помош од Евростат. Целта беше јасна: Заводот да го достигне нивото на статистичките институции во земјите членки на Европската Унија. Таквата определба ја покажуваше нејзината способност секојдневната работа да ја насочи кон долгорочен институционален развој.

Остварувањето на таа цел бараше и вложување во луѓето. Уште пред Македонија да добие кандидатски статус за членство во Европската Унија, млади македонски статистичари учествуваа во обуки, работни групи и семинари на Евростат, учеа од водечки експерти и непосредно се вклучуваа во современите статистички текови. Антоновска поставуваше високи професионални барања, но им даваше и простор на соработниците да се усовршуваат, да напредуваат и да преземаат одговорност. Во нивните сведоштва останува запаметена по способноста сопствената посветеност да ја претвори во работна енергија на целиот тим.

Остварениот напредок доби меѓународна потврда. Во глобалната оценка од 2001 година, способноста на македонската статистика да обезбедува релевантни, навремени и точни податоци беше оценета на нивото на просечна земја членка на Европската Унија. Тоа беше значајно признание за институцијата и за реформите спроведени во деценија исполнета со економски тешкотии и ограничени ресурси.

Годинава се навршуваат и четириесет години од нејзиното прво именување за директорка на Заводот, во 1986 година, како и триесет години од приемот во Меѓународниот статистички институт, во 1996 година. Беше потпретседателка на Асоцијацијата на балканските статистичари и основачка на Здружението на статистичари на Република Македонија. Професионалниот придонес го продолжи и во Државниот завод за ревизија и во Народната банка.

Нејзиното учество е забележано и во проекти МОНЕЕ на УНИЦЕФ, посветени на следењето на социјалните последици од транзицијата и положбата на децата и семејствата.

На оваа кариера ѝ претходеше активен општествен ангажман во југословенскиот период. Од 1974 до 1978 година беше претседателка на Градската конференција на Сојузот на социјалистичката младина на Скопје, а во сојузната младинска организација раководеше со Комисијата за воспитание, образование и наука, залагајќи се за подобар ученички и студентски стандард. Во осумдесеттите години беше членка на Претседателството на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија. Во 1986 година беше одликувана со Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда.

Нејзиниот животен и професионален пат е документиран во монографијата „Светлана Антоновска – македонската челична дама“, објавена во 2017 година. Преку документи и сведоштва, таа осветлува и значаен период од развојот на македонските институции. Истата година постхумно беше објавена и нејзината математичка студија „Решавање на транспортниот проблем со унгарски метод“. Нејзиното име го носи улица во Скопје, а нејзината приказна е вклучена и во книгата „Се викам храброст“, посветена на педесет македонски хероини.

Посебна порака носи една од нејзините последни желби, по која неколку илјади книги од личната библиотека беа донирани во библиотеки и институции, меѓу кои Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет, МАНУ и Армијата. Знаењето што го собирала во текот на животот им стана достапно на студенти, истражувачи и нови читатели. Така продолжи посветеноста со која и во професионалната работа им отвораше можности на другите.

Десет години по нејзиното заминување, трајноста на делото на Светлана Антоновска се препознава во воспоставените стандарди, во експертите што се развиваа со нејзината поддршка и во меѓународната доверба стекната за македонската статистика. Нејзините зачувани јавни настапи потсетуваат и на определбата податоците да ја прикажуваат стварноста точно и објективно, независно од политичките очекувања. Таа определба самата ја искажа со зборовите на последното инервју како директор на македонскиот Завод за статистика: „Ќе останеме верни на струката, на стручниот морал“.