Centar.mk
фото: Министерство за одбрана
-МАКЕДОНИЈА

Министерот Мисајловски на отворањето на централниот Меморијален турнир во чест на загинатите бранители: мораме да го чуваме споменот за оние кои го дале животот за татковината

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (3 октомври) во салата „Борис Трајковски“ го отвори 26. традиционален меморијален турнир во мал фудбал ко-организиран од Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи и здружението „Херои на Македонија 2001 – 2015.“ Турнирот се организира во чест на загинатите припадници на Армијата во 2001 година и загинатите припадници на полицијата од настаните во Куманово во 2015 година.

Министерот Мисајловски пред директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев и членовите на екипите од Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи и македонската Армија истакна дека мораме да го чуваме споменот за оние кои го дале својот живот за државата и да го пренесеме тој спомен на следните генерации.

„Она што треба да го направиме е да се сплотиме и да покажеме дека хероите не се забораваат. Се заблагодарувам на секој еден припадник на Армијата, на сите што ја носат униформата кои секојдневно работат за нашата држава. Министерството за одбрана ќе биде секогаш тука да помогне и достојно да покаже почит кон хероите“, истакна министерот.

Ќе дадеме сè од себе да покажеме почит и да покажеме дека секоја една генерација треба да го пренесе тоа на идните поколенија, рече Мисајловски и додаде – „да не се заборави оној што дал сè за татковината.“

Директорот на БЈБ, Јанев истакна дека турнирот веќе 24 години ја чува жива меморијата за оние кои ги положија своите животи за Македонија, нејзиниот мир и безбедноста на граѓаните.

„Денес не сме тука само поради традицијата. Тука сме затоа што имаме обврска да паметиме. Да ги паметиме нашите колеги, пријатели, браќа, сопрузи, татковци и синови кои ја носеа униформата со чест и кои, извршувајќи ја својата должност, ја дадоа најголемата жртва што човек може да ја даде. Нивните имиња не се само дел од историјата на нашите безбедносни сили. Тие се дел од историјата на Македонија“, истакна Јанев.

фото: Министерство за одбрана