Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Филипче: Секојдневно сум на терен, земјоделците плачат – власта не сака да ги слушне

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју во „Тема на денот“, на телевизија Сител, посочи дека земјоделците се оставени сами да се справуваат со кризата, а власта не сака да ги слушне и нема слух за нивните проблеми. Филипче појасни дека незадоволство и проблеми има во секоја земјоделска гранка, а состојбата станува сè потешка.

„Скоро секојдневно сме со земјоделците. Земјоделците плачат за пласман, за цени и за субвенции. Поднесовме предлог-Закон за финансиска поддршка во земјоделството во Собранието и апелирам мнозинството да го поддржи. Сите сфери од земјоделството се опфатени за дополнителна субвенција по килограм произведено и по хектар земја, за да може да ја преживеат сезоната. Но, искрено јас не очекувам од оваа власт разбирање за луѓето. Како може да очекуваме кога два пати го одбиваат еве предлог Законот за минимална плата, лани го одбија нашиот предлог Закон за да се зголеми откупната цена на грозјето за 3 денари по килограм, не го гласа – таква е оваа власт само за себе си мисли“ рече Филипче.

Тој посочи дека на терен состојбата е катастрофална, земјоделството е пред колпас, земјоделците се во егзистенцијална криза . Сите се соочуваат со проблеми поради лошите политики на власта.

„Ние сме секој ден на терен, практично цело лето и директно ги слушнавме поплаките од луѓе кои се сточари, лозари, оризари, одгледувачите на јаболка, млекопроизводители итн. Сите плачат. Ниски откупни цени. На неколкукратно зголемени трошоци за производство, никаков слух од власта. Зголемена цена за ѓубриво, зголемена цена за вода, за работа на рака. А откупните цени и субвенциите намалени. Зошто? Оти ги фатија како крадат од ИПАРД -от – тоа е оваа власт“ рече Филипче.

Тој предупреди дека доколку власта продолжи со ваквата политика, земјоделците следната година нема да имаат средства ниту за ново производство, бидејќи веќе задолжени за да произведат и преживеат.

„Има една многу сериозна забелешка и предупредување од земјоделците – ако продолжи вака, следната година тие не можат да одгледуваат ништо, затоа што немаат што да вложат. Луѓето оваа година земале кредити, немаат како да ги вратат. На работ на сиромаштијата се“, рече Филипче.