Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Сиљановска-Давкова до бруцошите: Вреди да се студира, предава и живее на УКИМ, како заеднички дом на професорите и на студентите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на свеченоста по повод почетокот на новата академска 2026/2027 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Таа им порача на бруцошите да учат уште од првиот академски ден, да развиваат критички ум, да ги бранат принципите и вредностите.

За неа, универзитетот, којшто не случајно ужива автономија, треба да воспитува млади луѓе, способни самостојно да размислуваат и храбро да им се спротивстават на неправдата, лагата и силата, како што Фокнер ги советуваше студентите.

Со длабока убеденост дека вештачката интелигенција треба да му служи на човекот, а не да го замени, таа укажа на вредноста на природната и емоционалната интелигенција.

Сиљановска-Давкова ги охрабри студентите да не бидат енциклопедии кои меморираат, туку да го вежбаат умот, развивајќи оригинални идеи, а знаењето да го ставаат во функција на општото добро.

Според неа, УКИМ, како најстар и најдобар универзитет во земјата, мора да биде предводник во промените и развојот на општеството, потпирајќи се на својот научен и интелектуален потенцијал, врзан за генерации дипломирани, магистрирани и докторирани студенти.

Таа посочи на итноста од посебна грижа и ангажирање на македонскиот научен потенцијал, распослан ширум светот, во трасирањето на патот кон иднината.

Претседателката ги охрабри студентите да останат бунтовни со причина, да прашуваат и да оспоруваат, а професорите да не забораваат дека покрај градењето академски кариери, мора да се посветат на педагошката работа со студентите.

Поучена од студентското и професорското искуство на УКИМ, таа им порача дека вреди да се студира, предава и живее на УКИМ, како заеднички дом на професорите и на студентите.

На свеченоста, свои обраќања имаа и министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, и претседателката на Универзитетското студентско собрание, Ангела Василевска.

фото Кабинет на Претседателката

Можеби ќе ве интересира

Згасна животот на маж во Поликлиниката Бит Пазар, телото испратено на обдукција

ДЕСК

НОЌНА ДРАМА НА БИТ ПАЗАР – Пламен зафатил „ауди“, сопственикот и соседите го изгаснале пожарот

ДЕСК

ТЕПАЧКА ВО ГАЗИ БАБА – Физичка пресметка меѓу 59-годишен и 26-годишен скопјанец, следува поднесок

ДЕСК