Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во функционирањето и одржувањето на националниот здравствен информатички систем „Мој Термин“. За одржување на системот и поврзаните информациски системи во јавните здравствени установи биле склучени договори во вредност од 333,3 милиони денари, односно околу 5,4 милиони евра.
Ревизијата покажува дека Управата за електронско здравство има пополнети само 29 проценти од систематизираните работни места, а констатирани се и ризици во ИТ-безбедноста, заштитата на личните и медицинските податоци и обезбедувањето континуитет на системот. Министерот за здравство Сашо Клековски денеска оцени дека е неразбирливо што системот подолг период бил без договор за одржување.


