Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Дизелот надмина 100 денари за еден литар, СДСМ реагира

соопштение на СДСМ:

Дизелот над 100 денари – нов удар врз стандардот, а Мицкоски не презема ништо

Цената на дизелот надмина 100 денари за литар, што е нов директен удар врз стандардот на граѓаните, но и врз македонското земјоделство. За само шест месеци дизелот е поскапен за 43 отсто, а Владата на Мицкоски повторно не презема ништо, обвини потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната прес конференција посочувајќи дека поскапувањето на горивата неминовно ќе се прелее и врз цените на храната.

„Над 100 денари за литар дизел значи нов ценовен удар врз секое македонско семејство. Поскапото гориво значи поскап транспорт, поскапо производство и на крајот – поскапа храна. Во услови кога потрошувачката кошничка веќе достигна речиси 70.000 денари, а платите стагнираат, секој нов денар на лебот, млекото, зеленчукот и овошјето е директен удар врз семејната трпеза. Половина од семејниот буџет на македонските граѓани оди за храна и пијалаци. Овој ценовен бран затоа ќе биде уште потежок“, потенцираше Тренчевска.

Тренчевска посочи дека последиците од погрешните политики на Владата особено силно ги чувствуваат земјоделците, кои денес повторно протестираат поради откупните цени на пиперката и неисполнетите ветувања од Владата.

„Земјоделците денес повторно протестираат за откупните цени на пиперката, за она што Владата на Мицкоски им го вети, а не им го испорача. Ги излажа. Откупот на пиперката не се решава со прес-конференции, лаги и манипулации, туку со конкретни мерки и сигурен откуп. СДСМ ги поддржува барањата на земјоделците. Во време на СДСМ откупната цена беше 50 денари за килограм. Денес Владата треба да обезбеди и повеќе од 50 денари, затоа што во меѓувреме трошоците за производство значително се зголемени“, рече потпретседателката на СДСМ.

Тренчевска додаде дека земјоделецот не може да живее од политички ветувања, туку од реалната цена на својот производ и од условите за производство.

„Земјоделецот не живее од прес-конференциите на Мицкоски и од лажните ветувања. Живее од цената на својот производ, од сигурен откуп и навремена исплата. Живее од тоа дали може да купи гориво, семе и ѓубриво за следната сезона. А токму тие трошоци растат. Горивото поскапува, ѓубривото поскапува, наводнувањето е проблем, субвенциите доцнат или се намалуваат. Тоа е реалноста со која се соочуваат нашите земјоделци“, истакна Тренчевска.

Таа предупреди дека ваквата политика ја загрозува не само егзистенцијата на земјоделците, туку и прехранбената сигурност на државата.

„Македонија има земја, вода, сонце, традиција и вредни земјоделци. Можеме да произведуваме храна и за себе и за регионот. Во време кога целиот свет се подготвува за глобален проблем со поскапа храна, Владата на Мицкоски не презема ништо. Напротив, со ваквата политика на ВМРО-ДПМНЕ земјоделците едвај преживуваат, домашното производство се намалува, зависноста од увоз расте, а храната ќе станува сè поскапа“, порача Тренчевска.

Таа укажа на фактот дека граѓаните и земјоделците плаќаат висока цена за неспособноста и незаинтересираноста на Владата.

„Ова е систематско уништување на домашното производство и губење на прехранбената сигурност на државата. Владата мора итно да реагира – со мерки за заштита на стандардот, со поддршка за земјоделците и со обезбедување сигурен откуп и услови за производство. Граѓаните не можат да чекаат, земјоделците не можат да чекаат. Мицкоски мора да преземе одговорност и да престане да се крие зад празни ветувања“, посочи Тренчевска.