Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Филипче: Во кризата СДСМ насочи 2 милијарди евра кон граѓаните – сега кој доби помош? Никој

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција порача дека на граѓаните сега им се потребни конкретни мерки, за да можат да го издржат растот на цените и трошоците за живот. Филипче потсети дека владите на СДСМ во најголемата криза насочија 2 милијарди евра преку конкретни мерки за поддршка на граѓаните, за разлика од денешната Влада на ВМРО, која во услови на раст на цените и трошоците за живот не понуди никаква соодветна помош. Тој порача дека граѓаните не ја избраа оваа власт за да слушаат споредби со кризата од 2022 година, туку очекуваат конкретни мерки.

„Гледам дека често целокупниот наратив е да се споредува тоа што сега се случува со 2022 година. Се споредува кризата, платите, менаџирањето и така натаму. Граѓаните не ја бираа оваа власт да споредува како било порано, очекуваат мерки. Во таа криза, да потсетам, 2 милијарди евра вкупен буџет беше насочен кон граѓаните, преко посебни мерки за различни категории граѓани, за социјални случаи, семејства со повеќе деца, студенти, стари луѓе, 600.000 семејства тогаш имаа субвенционирана струја итн. Кој сега доби некој пакет во оваа криза со поскапувањето на горивата во изминатиот период? Никој“, рече Филипче.

Притоа, Филипче нагласи дека денес кога цените и основните трошоци за живот растат, граѓаните се оставени сами да се справуваат, а власта не обезбедува конкретни мерки, туку само најави за „кошнички“ кои на крај се сведуваат само на ПР трик, а не на реална помош.

„Неколку пати го одбиваат нашиот предлог да се зголеми минималната плата на 600 евра. Кошничката достигна 70.000 денари. Ако се додадат другите трошоци реални, кирија за стан или кредит за стан, трошоците надминуваат 90 илјади денари. Луѓето не можат да преживеат. И од ова што го спомнува некаква кошничка, јас не очекувам ништо, заради тоа што сметам дека е повторно само некој ПР трик, нешто као ќе најават и на крај нема да биде ништо“, рече Филипче.