Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања во Собранието го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека власта намерно го блокира европскиот пат, а сега и самата ги демантира тврдењата со кои со години ја манипулираше јавноста.
„ Четири години не труевте, правевте поделби, обвинувавте, ги делевте луѓето на патриоти, на предавници, велевте дека протоколите се дел од преговарачката рамка, дека ние не преговараме со Европа, сме преговарале со Бугарија, и загрозен е јазикот, идентитетот и така натаму. Сега самите се демантирате, за пред некој ден да признаете, и вие и министерот за надворешни работи, дека сето тоа што сте го зборувале не било вистина“, истакна претседателот на СДСМ.
Филипче го праша премиерот Мицкоски како ќе ја објасни својата политика пред европските партнери и граѓаните, откако, е нарушен кредибилитетот на државата.
„Па зар сега не се потврдуваат нашите тези и тоа што ние го зборуваме? Дека намерно не сакате во Европа? Дека намерно го блокиравте европскиот пат? Како сега ќе им објасните на луѓето во Европа, кои знаат дека не ја кажувате вистината, кај кои го срушивте кредибилитетот на државата, дека вие ова не го правите намерно. Нема повеќе оправдување. Намерно е блокиран патот, четири години, од кои две вие сте на власт сега“, рече Филипче.


