Соопштение на Левица:
На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, по амандман на Левица, делумно беше прифатено барањето за дополнителни средства за Националната СОС-линија за жртви на семејно насилство, при што наместо предложените 5 милиони денари, парламентарното мнозинство обезбеди 2 милиони денари.
Образложувајќи го амандманот, пратеничката од Левица Јована Мојсоска посочи дека Националната СОС-линија е првата точка на контакт за жртвите на семејно насилство, но со години функционира со недоволни средства, додека бројот на случаи континуирано расте.
„Безбедноста на жените и животот на жените не може да зависат од волјата на одредени донатори, туку мора да се обезбеди институционална заштита.”
Мојсоска потсети дека само во 2025 година биле евидентирани 4.745 пријави за семејно насилство врз жени, додека државата продолжува да штеди токму на системите што треба да ги заштитат најранливите.
„Во ребаланс во кој постојано зборуваме за милијарди, овие пет милиони денари се на ниво на статистичка грешка.”, посочи Мојсоска апелирајќи до мнозинството на ДПМНЕ да се прифати амандманот
Пратеничката од Левица нагласи дека средствата се неопходни за достоинствени плати на операторите, непречено 24-часовно функционирање на линијата, обуки, лиценцирање и поголема достапност на услугата за секоја жена на која ѝ е потребна помош.
Во своето излагање, Мојсоска упати и порака до парламентарното мнозинство:
„Дали ова парламентарно мнозинство ќе признае дека животот и безбедноста на жртвите вредат повеќе од канцелариски инвентар?“
И уште еднаш потсети дека буџетот е најискреното огледало на политичките приоритети:
„Кога ќе се случи трагедија, сите велат дека системот е виновен. Но системот е тоа што денес го гласаме. Буџетот е најголемиот финансиски документ на една држава и преку него се гледа дали приоритет е заштитата на жртвите или животот на една жена е поевтин и од канцелариски инвентар”, потенцираше таа.
Иако Левица бараше 5 милиони денари, фактот што парламентарното мнозинство беше принудено да обезбеди дополнителни 2 милиони денари претставува признание дека досегашното финансирање било недоволно. Левица ќе продолжи да се бори за систем во кој заштитата на жртвите нема да зависи од проекти и донации, туку ќе биде трајна обврска на државата.


